По последните натпревари во Загреб и Глазгов каде резултатски не поминавме како што посакуваме но со играта и поставеноста нашите најдобри фудбалери ни ги подгреаја надежите дека е дојдено времето да направиме добар резултат.
Како никогаш досега атмосферата во и околу националниот тим е на највисоко ниво, полн стадион, атмосфера како што може да се посака и се е подготвено за долго очекуваниот триумф.
Тактичката поставеност на нашиот тим не беше променета од последните натпревари, односно формација 4-2-3-1. За разлика од нас, Хрватска излезе со малку изменете состав на општо изненадување, односно 4-4-2 со двајца високи напаѓачи со двајца играчи по страна кои немаат посебно дефанзивна игра и двајца играчи пред одбраната.
На почетокот на мечот и двете репрезентации покажаа дека ја сакаат победа која би дошла по смирена игра со посед на топка и подобра организација во играта. Понесени од громогласното навивање на публиката, нашите фудбалери гореа од желба да направат предност и на наша голема радост тоа го направија. Брзо ја наплативме поголемата желба и активност и веќе по 17 минути поведовме со првиот удар кон голот на Плетикоса. Недоразбирањето на десната страна на дефанзивата на Хрватска, одземена топка и мајсторија на Ибраими за водство од 1:0.
До тој момент Хрватите креираа неколку шанси но нивната игра немаше поврзаност, а дури по примениот гол кај нив се појави поголема желба. Хрватите знаеја да ги искористат нашата слабост на овој натпревар - скок игра (но и наш главен адут) и играта по прекин. По три промашувања, тие го израмнија резултатот од корнер по невнимание на играчите кои беа задолжени за маркирање на противникот.
Во продолжение на натпреварот не успеавме да ја наметнеме нашата игра од претходните два натпревари која не красеше, игра со брзи, кратки и точни проигрувања, промена на место, чување на посед на топка и стрпливо градење на нашите напади со пробиви преку страничните позиции од каде што требаше да го загрозиме противничкиот гол.
Наместо тоа, ние им ја препуштивме играта на средината на теренот. Хрватите доминираа на средината и ја префрлуваа играта преку едната или другата страна, барајќи позиции за центаршут каде што двата високи и квалитетни играчи успеваа да прават паника пред нашиот гол. Тоа повеќе им успеваше по нашата десна страна каде што не успеавме добро да се справиме и по таа страна пробивите беа постојана опасност по нашиот гол.
Во второ полувреме не променивме ништо, продолживме со погрешни подавања, безидејност во средниот реди и млитавост во нападот и таа наша игра ја искористија репрезентативците на Хрватска и пак од еден прекин од наша десна страна по неправилна проценка на голманот кој изненадувачки отиде во празно, тоа го искористи Ракитиќ и противникот веќе имаше предност од 2:1.
Веќе по постигнатиот гол очекувавме да видиме поагресивна игра со ризик од нашите затоа што бевме во негатива, но освен постојана желба видовме само неколку пробиви. При еден таков пробив на нашиот најдобар фудбалер, Горан Пандев, постоеше контакт за пенал во шестнаесетникот, но судијата на го досуди. Тоа беше можеби нашата најизгледна ситуација и покрај тоа што беше без шут на гол.
За разлика од нас, Хрватите покажаа поголема воиграност и класа, не се повлекоа да го бранат резултатот. Тие преку кратки, точни и брзи проигрувања од средината на теренот, користејќи ги двата офанзивни везни играчи по двете страни, потпомогнати од двата офанзивни бекови, стрпливо ја градеа својата игра и чекаа невнимание за да постигнат гол и да ја обезбедат победата.
Со првата измена кај Хрватите, селекторот се одлучи да го засили средниот ред и да се засили доминацијата со топката и тој веќе ја промени формацијата во 4-2-3-1 со која се очекуваше да го започне натпреварот.
Нашиот селектор се одлучи ризикува. Го извади Попов и на негово место влезе Хасани и направи формација со која би имале уште еден играч кој ќе му помогне на нападот, односно дојдовме до формација 3-4-3, меѓутоа тоа не се покажа успешно.
Хрватите славеа заслужена победа. Ние останавме без бодови но и без Пандев. Секако не можеме да им забележиме на нашите фудбалери за залагањето, а време за тагување нема.
Веќе во вторник имаме можност за ново докажување и нормално сите заедно да ги бодриме нашите репрезентативци кон успех бидејќи сега навистина им е потребна поголема поддршка.