Храбро и со самодоверба против најсилниот во групата

Македонската фудбалска репрезентација вечерва го игра можеби најтешкиот натпревар во квалификациската група за Мундијалот во Бразил. Со победа може многу да добиеме, а со пораз предвреме ќе се збогуваме и од овие квалификации.

Селекцијата на Белгија на „Филип Втори“ пристигнува во момент кој можеби најмногу го посакуваме. Имаме селектор кој долго време работеше во таа земја и кој одлично го познава белгискиот фудбал и човек кој донесе голема свежина и смиреност во репрезентативниот табор.

И покрај слабата позиција во групата во која по четири меча имаме само четири бода, атмосферата е релаксирана, а причина за големата самодоверба која владее помеѓу нашите фудбалери е позитивната серија од три победи во низа, против селекции кои се посилни од нас според ранг листата на ФИФА.

Во Скопје на пријателските средби поткленаа Словенија и Данска кои примија по 3 гола, а првиот триумф во квалификациите го обезбедивме против Србија со 1:0. Јаневски е свесен за силината на противникот кој вреди над 300 милиони евра, но едно е сигурно, Македонија никогаш не се откажувала против големите репрезентации.

Доказ за тоа се мечевите против Холандија, Англија и Турција кои секогаш ги споменуваме како пример, дека големите сили во фудбалот знаеме да ги изненадиме. Мотивите и плановите на Белгиската селекција се јасни. Тие немаат настап на големите натпреварувања од 2000 година, а сега го бркаат лидерското место во групата.

Селекторот Марк Вилмотс има плејада на млади играчи, а дел од нив се првотимци во Манчестер Сити, Арсенал, Тотенхем, Баерн Минхен и Атлетико Мадрид. Состав од млади ѕвезди кои се гладни за докажување и успеси.

Нашата опасност очекуваме да дојде од капитенот Горан Пандев кој конечно стрелаше во Серија А, исто како и Адис Јаховиќ кој погоди за Цирих пред неколку дена. Вториот наш адут се крилните позиции каде го имаме расположениот Агим Ибраими кој постигна 4 гола на последните 4 репрезентативни настапи, како и Иван Тричковски.

Чеде Јаневски изјави дека не сака да прави математики од овие два меча кои следуваат во Скопје и Брисел. Побара максимална концентрација и ангажираност на нашите фудбалери. 12 играч на мечот ќе биде публиката на „Филип Втори“ од која очекува огромна поддршка.

22 март 2013 - 10:57