На левата слика Чилаверт е со дрес на Сан Хозе во 1985 година, а на десната е сега од некој ревијален натпревар. Тоа се 30 години разлика или 12 години откако се пензионираше во дресот на Велез Сарсфилд. Период кој го искористил за доста вкусни и конкретни софри.
Легендарниот парагвајски голман денеска полни 51 година. Остави голем впечаток како голман-специјалист за пенали и слободни удари. Способност која му донесе вкупно 62 гола во кариерата, 54 за клуб и 8 за репрезентација. 45 ги постигна од пенал, 15 од слободен удар и 2 од акција. Беше најпрецизниот голман во светот, рекорд кој му го урна Сени.
Хозе Луис Чилаверт освои 12 клупски трофеи меѓу кои Копа Либертадорес и Интернационален Куп во 1994 година додека играше за Велез. Со селекцијата на Парагвај учествуваше на СП Франција 1998 и Јужна Кореја и Јапонија 2002 на кои стигна до осминафиналето.
Важи за голема голманска легенда. Прогласуван е три пати за најдобар голман во светот од страна на Интернационалната федерација за фудбалска историја и статистика исто колку Ѕенга, Кан и Ноер. Буфон е прогласуван четири пати, а Касиљас пет. На листата на најдобри голмани на векот од Јужна Америка е втор зад Амадео Карицо.
За голманската позиција вели вака:
„Не може секој да биде голман. Луѓето мислат дека ние сме тука само за да ги стопираме головите, но тоа е грешка и лошо гледање на работите. Не можеш да имаш добар тим ако немаш добар голман. Бразил беше фантастичен во 1982 година, но го имаше Валдир Перес и секогаш кога противникот напаѓаше му даваше гол, а тоа го докажува моето гледање на работите.“
Хозе е роден во Луке каде имал тешко детство. На 5 години молзел крави и потоа млекото го продавал во руралните делови од градот. Неговите биле сиромашни, а Хозе бил еден од нивните четири деца.
Јавно ги има критикувано Асприља и Марадона, а еднаш доби едногодишна затворска казна бидејќи натепа физиотерапевт. Чилаверт беше гостин коментатор за време на Копа Америка ова лето, но беше тргнат од програма по наредба од претседателот на КОНЕМБОЛ, Алехандро Доминикез кој не можел да ги слуша критиките на своја сметка.
Сите негови осум гола за Парагвај