Грузија дрско и се одмазди на Македонија за финалето во Тбилиси

Македонската фудбалска репрезентација доби лекција на Градски со висок пораз од 0:3 и по само три кола е речиси без шанси за пласман на следното ЕП, барем не преку Лига на нации.

Селекторот Благоја Милевски со истиот состав од Разград се реши да ја нападне Грузија, која и покрај најавите од селекторот Вили Сањол дека оди на победа, се бранеше во првите 45 минути.

Македонија веднаш почна да напаѓа и да кружи околу шеснаесетникот, барајќи слободен простор во згусната одбрана. И покрај добрата игра и седумте удари, недостасуваа зрели шанси за гол.

Завршниците на нашите репрезентативци беа млаки, без некоја голема опасност. Први се заканија Трајковски и Ристовски од далеку, а потоа на два пати и Елмас кој биеше директно во голманот.

Гостите искористија една грешка на Велковски, но не успеаа силно да се заканат, а вториот неуспешен обид го имаа од контра. Столе Димитриевски и покрај тоа што имаше премалку работа во првиот дел, сепак спремен го дочека ударот.

Најавите на оптимистот Сањол кој го паметиме од Баерн, се остварија за само 10 минути во второто полувреме. Студен туш за македонската репрезентација во 52 и 62 минута. 0:2 за Грузија.

Неефикасноста ни ја казни Буду Зивзиваѕе кој доби убав пас во шеснаесетникот и им избега на Муслиу и Велковски. Водството го удвои, новиот соиграч на Елмас во Наполи, Квича Кваратшкелија со силен шут од 20 и кусур метри.

Милевски го освежи средниот ред со Николов и Давид Бабунски, а нападот со Миовски, но тоа не донесе резултат. Македонија беше послаб противник во второто полувреме и немоќна да стигне барем до почесен погодок.

На 6 минути до крај, гостите постигнаа и трет гол за убедлив триумф, а стрелец беше Китеишвили.

 

 

Со овој пораз, Македонија многу тешко може да се надева на освојување на првата позиција во групата која носи бараж полуфинале за пласман на ЕП 2024.

Грузија со 3 од 3 е прва со 9 бода, Македонија има 4, Бугарија 2 и Гибралтар 1.

Бугарите одиграа пацерско реми на гостувањето против Гибралтар. 

Во недела од 18 часот ни гостува Гибралтар.

9 јуни 2022 - 21:51