Кога има дуел меѓу Италија и Шпанија, според името и реномето на селекциите човек го асоцира на финале на Европско или Светско првенство. Но вечерва тие се среќаваат во квалификациите за Светско, а мечот нас највеќе не засега, бидејќи со нив ќе се сретнеме на следните два меча.
За вечерашното дерби има еден куриозитет. Најдобрите стрелци кои во моментот се активни репрезентативци играат во среден ред. Кај Шпанија тоа е Давид Силва со 28 голови за кој може да се каже дека е полу-напаѓач, а кај Италијанците тоа е Де Роси од Рома со 18 кој има и дефанзивни задачи.
Шпанија го има и Иниеста со 10 голови, а од дефанзивниот ред опасноста доаѓа од Серхио Рамос со 10 голови, додека кај Аѕурите тоа е Џорџо Кјелини со седум.
Што се однесува до напаѓачите, најдобриот стрелец во составот на Вентура игра во Кина, а тoj oд тимот на Лопетеги обично седи на клупа. Се работи за Грациано Пеле кој има постигнато 9 гола за Италија и Алваро Мората (8) кој не е стартер поради триото Бејл – Бензема – Роналдо.
Од италијанските напаѓачи кои се активни само тројца имаат двојна цифра, тоа се Џилардино (19), Балотели (13) и Касано (10), но од овие тројца, шанси за враќање во репрезентација има само Марио. Најдобри стрелци на сите времиња се едни тројца легендарни имиња од друга епоха. Џиџи Рива (35), Џузепе Меаца (33) и Силвио Пиола (30).
Во таборот на Шпанија најдобри тројца стрелци се Давид Виља (59), Раул (44) и Фернандо Торес (38). Раул не е активен играч, а времето за другиве двајца во репрезентација заврши.
Тоа што и се наближува на Македонија во квалификациите е гостувањето на Италијанците во Скопје, прво во историјата. Умре времето на Деј Пјеро, Виери, Тоти, Инѕаги, Монтела, Тони и другите вакви ликови кои ќе беше чест да се гледаат на Филип Втори.
Џанпјеро Вентура за Шпанија, а веројатно истите ќе важат и за Македонија, во напад повика имиња кои треба да јадат фурни леб за нивното име да остане запаметено како горенаведените од кои дресови и денес може да се видат кај некој љубител на Серија А од Скопје.
Тоа се: Како што рековме Грациано Пеле со 9 гола, потоа Едер (Интер) 3 гола, Чиро Имобиле (Лацио) 2 гола, Маноло Габијадини (Наполи) 1 гол, Андреа Белоти (Торино) и Никола Сансоне (Виљареал) кои имаат само по еден настап за репрезентација и се без постигнат гол.
По одличниот старт во Ница каде за три кола збрца пет гола, во Италија се отвори прашањето за кам бек на Балотели во репрезентација кој последен пат го облече дресот на Мундијалот во Бразил кога беше сменет од страна на Прандели.