Голема статуа од Роналдо на карневал во градот каде се прослави Пандев

Кога ќе се спомне Виареџо, прва асоцијација во Македонија се Горан Пандев, Аце Стојков и сјајната генерација млади фудбалери на Беласица која подоцна доби уште неколку понуди да учествува на најголемиот младински турнир во Европа.

Виареџо е град во Тоскана кое се наоѓа на 100 километри од Фиренца и излегува на Тиренското море, на северниот дел од Тоскана. Овој град ја има една од најдолгите плажи во Италија.

Во Виареџо се одржува еден од најпознатите карневали во Европа, а градот е познат и како домаќин на еден од најголемите фудбалски младински турнири на кој во 2001-ва година блесна струмичка Беласица која беше извор на таленти. Тогаш во Виареџо многу скаути биле импресионирани од Горан Пандев кој брзо се пресели во Италија.

Што се однесува до карневалот, тој не е толку популарен како оној во Венеција затоа што во Виареџо има помалку туристи, но сигурно е еднакво празничен, весел и шарен.

Во текот на карневалот по улиците на Виареџо се движат огромни фигури направени од стиропор и хартија. Овој карневал е познат по тоа што остро одговара на актуелните социјални и политички прашања. Годинава главни теми биле животната средина, екологијата, љубовта без дискриминација и современите идоли.

Таков идол е еден од најдобрите фудбалери на денешницата, кралот на Инстаграм и шампион на Италија - Кристијано Роналдо. Неговата гигантска фигура се прошета по улиците на Виареџо

 

Покрај статуата на Роналдо, големо внимание привлекле и оние со Доналд Трамп и Грета Тунберг, младата активистка за заштита на животната средина.

Инаку карневалот во Виареџо се одржува уште од далечната 1873 година. Тогаш месните богати аристократи сакале да направат карневалска парада во центарот на градот, а сиромашните преку статуи се исмевале со нив.

Годинава се одржува 147. издание на карневалот чиј симбол е кловнот Бурламако. Овој лик во 1930-та година го смислил италијанскиот сликар Умберто Бонети.

Фудбалот е поврзан со Виареџо на неколку начини. Од овој град потекнува најпознатиот светски судија на сите времиња, „ќелавиот“ Пјерлуиџи Колина како и Марчело Липи, човекот кој во 2006-та ја направи Италија светски шампион. Липи еднаш доби фигура на карневалот.

Во исто време, паралелно со карневалот се одржува и Светскиот фудбалски турнир за млади играчи. Актуелен шампион е Болоња. Има младински екипи од целиот свет: бразилскиот Шапекоенсе, Рајо Ваљекано, Клуб Бриж, Атромитос Атина, Ботафого, како и италијанските Интер, Фиорентина, Рома, Џенова, Сасуоло, Милан, Торино, Сампдорија и Аталанта.

Беласица во Виареџо 2001.