21-годишниот Данец на неколку дена пред мечот со Дижон, во понеделникот, кога дознал дека му го нема часовникот, бил толку бесен што побарал од стручниот штаб да не го става во игра.
Вредноста на часовникот била 70.000 евра, а Каспер Долберг веднаш пријавил во полиција која отворила истрага.
Скандалот брзо стигнал и до француските медиуми кои имале свои извори во истрагата, па така објавија дека Каспер Долберг го пропуштил тренингот во вторникот (од клубот официјална причина беше болка во желудникот кај Данецот), а потоа побарал да не го пуштат во игра проив Дижон во саботата.
Тренерот Патрик Виера го ставил Долберг на клупата за резерви и сите во клубот сметале дека кражба на часовник не е причина да се пропушти натпревар.
(Долберг со топка во рака, останал без скап часовник)
„Се разбравме внатре во клубот меѓу нас. Вакви работи се случуваат. Сакаме атмосферата во клубот да остане добра“, рекол на прес-конференција некогашната легенда на Арсенал и Јувентус, Патрик Виера.
Претседателот на Ница Жан Пјер Ривер соопштил дека клубот нема да учествува во истрагата на органите и дека нема да спроведе сопствена истрага. Самиот Долберг ништо не коментирал и стои на линија со клубот.
Во меѓувреме француските медиуми, во прв ред реномираниот L’Équipe соопштуваат дека главно осомничен за кражба е 18-годишниот центарфор Ламин Дијаби.
Како што пишува L’Équipe, Дијаби сега ризикува од најголем талент во екипата за кого се интересираат големите екипи од ТОП5 лигите во Европа, наеднаш да добие исписница и да му се раскине договорот со Ница на негова штета.
Дијаби играше за Франција У16, У17, У18 и во моментов бил предмет на дисциплинска комисија.
Ламин Дијаби е роден во местото Грасе, на 30-ина километри од Ница а во клубот е од 13 години. Сезонава уште не заигра, но веќе има 6 настапи за првиот тим во Лига 1.
Истрагата е во тек и се очекува соопштение или од полицијата или од клубот Ница.