Го видовте ли циркусот со ВАР на СПАЛ - Фиорентина и во Полска?

Во Италија на мечот од Серија А имаше досега невидено толкување на ситуации за ВАР. А слична приказна и во Полска на дербито Легија - Краковија каде играч доби втор жолт, па му го избришаа и му дадоа директен црвен.

Повторното прегледување на видео снимката колку е добро, толку е и нејасно. Во неделата во терминот од 12 часот во градот Ферара играа локалниот СПАЛ и Фиорентина.

Во 36’ минута домаќините го отворија резултатот, а гостите израмнија пред крај на првиот дел.

Второто полувреме беше лудо:

1. Во 72 минута и 45 секунда при резултат 1-1, во шеснаесетникот на СПАЛ беше фаулиран Федерико Кјеза, неговите соиграчи бараа пенал а судијата само одмавна со рацете и играта продолжи;

2. Веднаш после неколку секунди, во 73 минута и 20 секунда СПАЛ тргна во напад и даде гол преку Матија Велоти.

3. Во 74 минута и 55 секунда - судијата Лука Паирето реши да гледа на ВАР. А после само една минута свирна, пази, пенал за Фиорентина и поништен гол за СПАЛ.

4. Фиорентина постигна важен гол од пенал за 1-2, а до крајот СПАЛ прими уште два погодоци за 8 минути и убедлив пораз 1-4.

Од паѓањето на Кјеза, голот на СПАЛ, ВАР прегледувањето, одлуката за поништен гол и досуден пенал за Фиорентина поминаа само 4 минути.

Судијата Паирето можеби донел праведна одлука, но морал да реагира побрзо, а не да чека да падне гол, па дури потоа да гледа ВАР за претходни ситуации.

Тренерот на Фиорентина Стефано Пиоли рекол дека не гледа никаква неправда.

Мирно реагирал и тренерот на СПАЛ, Леонардо Семпличи кој ја повикал екипата што побрзо да го заборави овој пораз: „Оваа епизода со ВАР го реши мечот, но јас никогаш не зборувам за судиите, биле во право или не. Треба да гледаме само напред.“

Претседателот на СПАЛ Валтер Матиоли бил бесен:

„Ние никогаш не протестираме, секогаш соработуваме, но кога ќе ви се случи вакво нешто, чувстуваш дека те украле пред твои очи. Бесполезно беше да се протестира, на мечот беа луѓето од лигата. Ќе видиме што тие ќе кажат. Но дајте да се вратиме на епизодата. Ако ја прекинуваме играта на пет-шест минути (синоќа прекинот траел вкупно 2 минути и 10 секунди) поради ова, тоа е смешно. Знаеме како Кјеза реагира во такви моменти, тоа е несериозно.“

Евентуален триумф можеше да го качи СПАЛ неколку места погоре на табелата, но клубот сега остана во опасната зона и е 16. место со 4 бода до зоната на спас. 

****

Невообичаена одлука имаше и во Полска. Таму, на дербито Легија Варшава - Краковија, во 75’ минута судијата Пјотр Лашик прво му покажа втор жолт картон на бекот на домашните Вилијам Реми, а по асистенција од ВАР собата, реши да ја погледне епизодата, да го врати Реми на терен и да му даде директен црвен картон кој казнено се третира поинаку од втор жолт и автоматски црвен картон>

18 февруари 2019 - 14:12