Муангтонг Јунајтед, екипата за која четири години со голем успех играше нашиот Марио Ѓуровски е нов шампион на Тајланд. Освојувачот на Лига купот на оваа земја ќе се одлучи на лотарија, така решила Фудбалската федерација на Тајланд.
Второпласиораниот Бангкок Енџелс за кој од годинава настапува Ѓуровски заостанувал пет бода зад лидерот Муангтон Јунајтед на пет кола пред крајот, но шансите за титулата им се скратени поради прерано завршување на сезоната.
Поранешниот македонски репрезентативец по доаѓањето во новиот клуб постигна 11 гола и имаше 10 асистенции на 28 меча. Откако слабо ги започнал првите неколку натпревари, Ѓуровски со гол и асистенција бил најзаслужен за победата на Банкгок на гостувањето кај неговиот поранешен клуб против кој сега се борел за титулата.
Кралот на оваа земја Пумипон Адунјадет починал на 13. октомври на 88-годишна возраст. Тој бил на тронот цели седум децении со што важи за крал со најдолг престој на столицата во модерната историја.
Поради неговата смрт, владата на Тајланд прогласила 30-дневна жалост, период во кој луѓето носат црна, темна облека. Забранети се и сите концерти и спортски настани. Во меѓувреме се откажал и познатиот Светски филмски фестивал во Бангкок а концертот на Морисеј бил одложен.
Фудбалската федерација соопшти дека сезоната е завршена иако имало уште три кола до крајот. Ден по ваквата одлука се отворила дискусија околу местата на табелата. Кога дошле на состанок 17 од 18 тима биле за порано завршување на првенството.
Тоа значело и дека 17-от Чаинат и 16-от Арми Јунајтед испаднале во втората лига иако имале шанси да се спасат до крајот на првенството. За Чаинат игра поранешниот напаѓач на Ливерпул Флоран Синама Понгол. Овие два клуба се пожалиле на одлуката, затоа што вкупно седум клуба се бореле за опстанокот.
Надеж на оштетените им остава предлогот на претседателот на Фудбалската федерација на Тајланд кој најавил дека од следната сезона би можеле да ја прошират лигата за да учествуваат и двата клуба кои сега неправедно испаѓаат. Но за таква солидарност 9 клуба гласале против, 6 биле за а 3 биле воздржани. Поради таквиот епилог, претседателот на федерацијата најавил нов состанок.