Иако се работи за една од најслабите европски фудбалски земји која има жители колку што собира Градски, сепак селекторот Игор Ангеловски не експериментираше и истрча со најдобрите 11 кои ги имапе на располагање.
На голот застана Димитриевски, во одбрана Ристовски, Муслиу и Ристевски, средината ја сочинуваа Николов, Спировски, Алиоски, Барди и Тричковски, а во напад со Пандев и Трајковски.
Нашите момци на стартот беа како во грч без некоја добра организација во играта, но од притисокот им требаше да излезат само 19 минути кога преку одлична акција го отворија резултатот.
Капитенот Пандев ја нагази топката во средниот ред, испрати употреблива топка по десно каде утрча Стефан Ристовски, а овој на прва го најде Тричко, кој како на плејстејш го матираше аутсајдерот.
Македонија потоа играше полесно, ја контролираше играта и имаше посед на топка, а вториот гол падна преку Алиоски во 35 минута, кој начека една одбиена топка по корнер и душмански ја плесна во гол.
На другиот дуел во нашата група, Ерменија со која играме во недела во Скопје со почеток од 18:00 часот, славеше против Лихтенштајн со 2:1.