Германскиот репрезентативец кој игра во втора лига

Иако игра во втората Бундеслига, без никаков проблем веќе неколку години, Јонас Хектор капитенот на Келн е прв избор за левата бековска позиција во репрезентацијата на Германија.

Кога минатата сезона Келн испадна од Бундеслигата, многумина мислеа дека екипата сигурно ќе ја напушти 28-годишниот бек Јонас Хектор, стандарден репрезентативец на Германија за која веќе одиграл дури 41 натпревар.

Хектор ги шокирал сите кога го продолжил договорот со својот Келн до 2023 година.

„Тоа е лично. Среќен сум овде. Се чуствувам како дома во овој клуб и град“, вели капитенот на Келн, Јонас Хектор.

Реномираниот сајт Transfermarkt го проценува Хектор на 15 милиони евра што е апсолутен рекорд меѓу второлигашките фудбалери. Според информациите од германските медиуми, пред да го продолжи договорот Хектор го поврзвуале со Баерн и Борусија Дортмунд а се зборувало и за Ливерпул и Јувентус.

****

Речиси целата своја кариера досега Хектор ја поминал во Келн. Во црвено-белиот дрес дошол од шестолигашот Ауерсмахер.

„Келн ми помогна да го поминам патот од регионална лига до репрезентацијата на Германија. Многу сум приврзан за овој клуб и благодарен сум му. Во Келн се чуствувам комфорно. Не би било тешко да сменам клуб во меѓусезона, но тоа би било некоректно. Му припаѓам на Келн и сакам да ја завршам сезоната во оваа екипа и меѓу овие навивачи.“

Хектор по вокација е лев бек, неговата матична позиција е по левата страна. Токму оваа бековска позиција беше проблематична за Германија уште од Светското 2014. На Европското 2012 лево играше неприкосновениот Филип Лам.

На Мундијалот во Бразил Лам исто отпатува но заигра во средина од одбраната (изум на Гвардиола во Баерн). Во тоа време на лев бек беше Бенедикт Ховедес. После неколку месеци Хектор го заработил првиот повик во репрезентацијата.

На Европското 2016 тој без да биде заменет ги одигра сите натпревари на Германија а беше во составот на Јоги Лев и за Купот на Конфедерации и на Мундијалот 2018. Тој важи за стандарден играч во германската репрезантација иако игра во втората Бундеслига.

Во мај годинава изјавил: „Јас сум тивок и скромен човек. Потребата од внимание не ми е блиска и никогаш не сакам проблеми“. Хектор е еден од ретките фудбалери кои речиси никогаш не користи профил на социјалните мрежи и повеќе сака слободното време да го минува во природа.

Келн има богатство од играч, а до кога ќе остане меѓу „јарците“ останува да се види.