Поранешниот фудбалер на Милан раскажуваше како Пирло му го злоупотребувал телефонот и како на полноќ му се јавувал претседателот на Палермо за да му соли памет за формацијата. За Milan Channel споделува нови приказни.
„Кога игравме за репрезентација, Инзаги ми ги крадеше копачките. Еднаш даде гол со нив и повеќе не му дозволував да ми ги зема. Противниците ги проучуваше сам на снимки од ЦД. Беше луд, знаеше сè за сите. Многумина мислеа дека има среќа во играта, но сепак тоа се должеше на многу подготовки.
Гатузо во интервјуто раскажува моменти и од два историски мечеви. Кога Интер пред 12 години го загуби Скудетото и кога Милан во 2004 во нокаут фазата од Лигата на шампиони, по предност од 4:1 против Депортиво, беше елиминиран затоа што во реваншот загуби со 4:0.
„Се сеќавам многу добро на 5 мај 2002 година кога Интер во последното коло загуби од Лацио и со тоа остана без титулата. Се радувавме како ние да сме го освоиле Скудетото. Убавата страна во фудбалот е и големото ривалство, иако во дерби мечевите морам да кажам дека се почитувавме“.
„Ако го поминевме Депортиво во четвртфиналето од Лигата на шампионите, ќе го одбраневме европскиот трофеј. Пред тој натпревар мојата сопруга ја удри кола. Воопшто не играв како што треба, затоа што мислите ми бегаат кај неа“, раскажува Гатузо.
Тој вели дека доколку за време на скандалот со местење натпревари Калчополи, Милан завршеше во втора лига, тој немал да го напушти тимот. Гатузо потекнува од семејство каде сите се големи навивачи на Милан.
Кога во 1999 година од Салернитана требал да премине во Рома, трансферот пропаднал во последен момент, затоа што татко му му рекол дека мора да игра за Милан, па макар и за помала плата.