Џенаро Гатузо во интервју за францускиот месечник „So Foot" зборува за Милан, Балотели, Тоти, за неколку негови поранешни тренери, но најголемите критики ги упатува до претседателите на клубовите за кои вели дека појма немаат од фудбал.
„Гласав за Силвио Берлускони кога се кандидираше за премиер затоа што верував во неговата програма. Инаку ако правиме муабет за фудбал иако беше компетентен како и незаменлив мотиватор, не би му дал да тренира ниту младински тим", вели поранешниот италијански репрезентативец.
Откако си замина од Милан, Гатузо настапуваше за швајцарскиот тим Сион, а потоа влезе и во тренерските води на овој клуб, каде по кратката авантура немаше долг престој ниту во Палермо.
„Помеѓу Претседателот на Сион, Кристијан Константин и првиот човек на Палермо, Мурицио Ѕампарини тешко е да се каже кој е по луд. Константин барем е пообразован од Ѕампарини кој ми се јавуваше на полноќ за да ми ја каже формацијата на Палермо со која треба да настапам. Нормално дека може да ми се јавувува кога сака, затоа што како тренер му стојам на располагање 24 часа на ден, но проблемот е што не разбира ништо од фудбал и плус е лош човек. Мислам дека сега е под притисок и ако може ќе го продаде клубот, но кој би го купил Палермо?", изјавува Гатузо.
Во однос на тренерите отворениот Гатузо вели дека слабост му е Карло Анчелоти кој бил како пријател со играчите, за Марчело Липи вели дека бил многу крут, а како најлошо го издвојува исксутвото со Дик Адвокат во Глазгов Ренџерс кој бил арогантен.
Ставот на темпераментниот Гатузо за палавиот Балотели е дека најмногу греши затоа што често пати е центар на внимание надвор од теренот, а за Пирло и Тоти вели дека имаат по шест очи, две напред, две назад и по две на нозете.
Според него спасот на кризата на Милан се странски инвестиции, како на пример од Катар или Кина.