Расизам, хомосексуалност и депресија се трите теми на кои весникот „Газета дело Спорт" направи истражување со 50 фудбалери од италијанското фудбалско првенство кои анонимно одговараа на прашања.
Некако не ни влегува во глава тоа што велат дека најмногу ги мачи депресијата, луѓето кои некаде до 35 година од својот живот, односно до пензија, си ги полнат сметките во банка со милиони евра, си прават колекции на автомобили, го шетаат светот и ги имаат најубавите жени.
Голманот на Јуве, Џиџи Буфон и пензионираниот напаѓач Бобо Виери кој важи за голем шмекер во Италија, во една прика изјавија дека и покрај големите суми на пари кои ги заработуваат и убавите девојки кои ги имаат, фудбалерите често пати патат од депресија.
Дури 29 од вкупно 50 фудбалери од Серија А одговориле дека депресијата им претставува проблем. Доколку истражувањево беше направено во Германија, можеби тема ќе беа и самоубиствата затоа што поради депресија пред четири години голманот Роберт Енке се фрли под воз, а неговите пријатели тврдеа дека не можел да ја преболи смртта на неговата двегодишна ќерка која имаше проблеми со срцето.
Темата која е доста актуелна во фудбалот во Италија е расизамот. 36% од анкетираните одговориле дека слушнале навреди помеѓу колегите на расна основа, а само двајца од 50 одговориле дека фудбалер од црната раса може потешко да направи кариера за разлика од другите.
Една третина од анонимните играчи одговориле дека постои дискриминација во однос на геј фудбалерите, односно 34% од нив сметаат дека фудбалерите кои се декларираат како хомосексуалци немаат ист третман и имаат разни пречки во кариерата.
Слично вакво истражување направи и магазинот „FourFourTwo" кој анкетираше 100 анонимни фудбалери од Премиер лигата кои отворено зборуваа за ширењето на дрогата меѓу играчиче, како и за местењето на натпревари. Дури 78% од нив одговорија дека депресијата им претставува проблем.