Фиорентина, Бетис и пречекот за Хоакин

Шпанското крило едвај чекаше да замине од Фиренца и да се врати во матичниот Бетис. Виолетовите не го пуштаа лесно, но на крајот Хоакин со скршена рака излезе пред 20.000 луѓе во Севиља.

Едно од најдобрите крила во историјата на шпанската Примера најдобрите денови ги имаше во Валенсија. Оттаму замина за Малага, па следуваше трансфер во Фиорентина.
 
Носталгичен како и неколку пати претходно во кариерата, Хоакин реши по секоја цена летово да замине од Фиренца. Клубот не сакаше лесно да го пушти, ги одбија понудите за него, по што Хоакин ги пропушти последните неколку тренинзи на Фиорентина.
 
За среќен крај на приказната, претседателот Дела Вале конечно даде зелено светло и Хоакин можеше да си оди. На стадионот Венито Виљамарин во Севиља го пречекаа 20.000 навивачи на Бетис кои беа во транс што идолот се враќа во прволигашот после 9 години.
 
Хоакин неочекувано се појави со раката во гипс, за што имаше објаснување:
„Во последните денови имаше голема тензија. Мобилниот на мојот менаџер Едуардо Еспехо беше исклучен и ми ги искина нервите. Така во еден момент удрив бокс во масата и ја скршив раката. Никогаш во животот не сум удрил бокс и се повредив. За среќа нема важни натпревари во наредните денови“, се насмеа Хоакин на прес конференцијата во Бетис.
На негово место во Фиорентина дојде Јакуб Куба Блажиковски, но навивачите нема да го прежалат одличното шпанско крило. Откако му поминала нервозата, Хоакин има само добри зборови за Фиорентина.
„Дојде правиот момент да се вратам. Најмногу на свет сакав да дојдам во Бетис. Фиренца ќе биде дел од мене, не можам да кажам ништо против. Му благодарам на Бетис и на навивачите што направија сè за да се вратам. Со недели не спиев, но сега сум таму каде што сакав, каде што сум среќен“, заклучи хоакин.
Пречекот пред 20.000 луѓе:
3 септември 2015 - 11:32