Финалистот Јувентус веќе не е непобедлив

Екипата на Милан му го нанесе првиот пораз по регуларни 90 минути на Јувентус оваа сезона, но „бјанконерите" по продолженија изборија пласман во финалето на италијанскиот куп.

Малата теренска иницијатива на Јувентус од почетокот на натпреварот ја круниса легендата Алесандро Дел Пјеро кој го доведе својот тим во водство во 28-та минута со својот 9-ти гол во кариерата против Милан.

По 6 минути игра во второто полувреме, Милан израмни со голот на Џамел Месбах по додавање од Мексес. Ова беше прв гол на Алжирецот во дресот на Милан.

На девет минути пред крајот Милан направи целосен пресврт. Резервистот Макси Лопез ја погоди мрежата на Сторари и го израмни резултатот од првиот натпревар по што патникот во финалето мораше да биде решен по продолженијата.

Во првата минута од второто продолжение Мирко Вучиниќ со прекрасен гол од 25 метри го одведе Јувентус во финалето на италијанскиот куп.

Ова е прво финале за Јувентус по пауза од 8 години. Другиот финалист ќе биде познат по одигрувањето на реванш натпреварот помеѓу Наполи и Сиена.

21 март 2012 - 00:13