Успесите и златните моменти на Наполи со славниот Марадона се само слатки спомени за градот кој живее за фудбалот и во кој за време на натпревар се чувствува пулсот на навивачите кои работи со иста брзина како единаесетмината кои трчаат на „Сан Паоло".
Наполитанците не ги забораваат најеуфоричните моменти во историјата на нивниот клуб кој предводен од Диего Марадона освои две Скудета, Куп на Италија, Супер Куп и Куп на УЕФА. Се уште во кафулињата додека го пијат традиционалното италијанско еспресо ѕиркаат на ѕидовите каде се закачени незаборавните спомени од крајот на 80-тите години.
Денеска градот од јужна Италија доживува една нова спортска ера која ја донесе Аурелио Де Лаурентис. Се започна откако Наполи се соочуваше со тешки финансиски проблеми кои резултираа со банкрот и испаѓање во третата лига во сезоната 2004/2005.
Режисерот Де Лаурентис го купи клубот за 30 милиони евра и откако стана нов сопственик работите се движеа како на филмска лента. Вети дека ќе го врати во елитната Серија А за пет години, а тоа го стори за три.
Од тие моменти Неапол повторно беше обоен во сино и по само една натпреварувачка сезона во првата лига, Наполи излезе и на европската сцена. На тренерската клупа седеше стратегот Еди Реја кој го водеше клубот од 2005 до 2009 година.
Во меѓувреме Де Лаурентис го одврза ќесето и за една сезона за засилувања потроши 43 милиони евра. Најсилната страна на тимот беше убиствениот напад составен од триото Хамшик, Лавеци и Кавани кои го добија прекарот „Трите Тенори".
Потоа на „Сао Паоло" пристигна темпераментниот Валтер Мацари кој извади максимум од тимот кој по две учества во Лигата на Европа обезбеди пласман во Лигата на шампионите во сезоната 2011/2012 и тоа за прв пат по времето на Марадона.
Големите влогови во клубот беа исплатливи затоа што и покрај враќањето во елитната Серија А и пласманот во најкалитетното клупско европско натпреварување од каде Наполи заработи многу пари, по долги години стигна и првиот пехар, а тоа е Купот на Италија.
Во сите тие среќни денови за Наполи дел од успехот беше и Горан Пандев кој по освојувањето на италијанскиот Куп со Лацио, повторно го доживеа истото задоволство уште во првата негова сезона во новиот клуб.
Наполи минатата сезона имаше просечна гледаност од 39.636 навивачи што е четврта најголема посетеност во Серија А по Милан, Интер и Рома кои имаа над 40.000 гледачи за време на првенствените натпревари.
Во услови на криза со која се соочуваат многу големи клубови како Милан кој мораше да ги продаде Ибрахимовиќ и Силва и Интер каде се најавува влез на спонзор од Индонезија, Де Лаурентис изјави дека има дури 124 милиони евра за нови засилувања ова лето.
Половина од нив се од продажбата на Кавани, а на негово место вчера во Неапол пристигна уште еден Аргентинец, Гонзало Игуаин кој со овации беше пречекан од навивачите. Наполи од Реал ги доведе и Албиол и Калехон, Пепе Реина од Ливерпул и Дриес Мертенс од ПСВ, а со оглед на парите кои ги имаат на располагање очигледно дека нема тука да застанат.
По четиригодишниот успешен циклус на Валтер Мацари, меѓународната афирмација на клубот режисерот ја продолжи со засилувања од големи европски клубови и Рафа Бенитез како нов кормилар со големо искуство од кого Наполитанците очекуваат уште поголеми успеси.