Себастијан Карера од Чиле влезе во друштво на тројцата финалисти од кои само еден ќе се закити со наградата „FIFA Fan Award 2018“. Не дека другите не се за почит, ама јунаков за разлика од другите е сам кој утепа бајаги пат и тоа за второлигашки чилеански фудбал.
Во октомври минатата година Пуерто Монт од Примера Б имаше гостување во Кокимбо, ама многу далечно, 1.500 километри во еден правец. За играчите и стручниот штаб тоа е лесен авионски залак, ама не и за навивачите.
Далеку или не, Себастијан замина да ги бодри, а за гостинската поддршка од 90 минути долга вкупно 3.000 километри, помина два дена во автобус.
Кога стигна на местото откри дека тој е уствари е единствениот навивач кој отпатувал на гостување.
„Тоа беше долго патување кое траеше вкупно два дена во автобус, но најважно за мене е што бев да му дадам поддршка на мојот тим. Многу од навивачите не можеа да отпатуваат бидејќи следниот ден беа на работа, но јас работам во Сантијаго и успеав да стасам на време“.
Домаќините ја отворија гостинската трибина само за него и тој беше единствениот навивач на стадион кој се радуваше, бидејќи Пуерто Монт славеше со 1:2.
„Оваа победа е за тебе, ти даде сè за твојот тим“, изјави еден од играчите, а лојалноста на Себастијан ја поздрави и еден од најславните чилеански фудбалери, Артуро Видал кој изјави: „Тоа е вистински навивач“.
Конкуренција на Себастијан му се јапонските и сенегалските навивачи кои заедно собираа ѓубре на трибините во Русија, како и Перуанците кои отпатуваа во огромен број од 40.000 по 36 години пауза на Перу на Светските првенства.
Напред Себо.