Идејата му дошла на Андреа кој на шега им рекол на другарите дека би било убаво да ги видат сите стадиони, барем во Серија А. Но сите го сфатиле сериозно и со Фиат Панда, навигатор и многу страст за фудбал на 16 октомври во 8. коло тргнале на пат.
Првата етапа била стадионот Дал Ара во Болоња, потоа стадионот Мапеи во Реџо Емилија, а трета станица им била Модена. Кога во Удине разбрале за нивното патешествие им пратиле мејл со покана за да ги посетат.
„Кога ни стигна мејлот веднаш се упативме на стадионот Фриули каде беа многу љубезни со нас. Ни ги отворија вратите на стадионот за да направиме прошетка, а потоа ни правеа интервју за тв каналот на Удинезе. Тоа беше едно задоволство надвор од нашите планови, пред да го завршиме првиот ден во Верона“.
Вториот ден се упатиле кон Емполи, а поминале и низ Бергамо, Милано, Торино и Џенова.
„Сакавме да преспиеме во Фиренца, но не се организиравме за спиење. Во тој момент не најдовме слободен хостел. Потоа застанавме во едно мало место каде една госпоѓа не пречека како да бевме нејзини деца. Кога и раскажавме што правиме, ни најде стан само за нас.
Студентите немале среќа да влезат и да го разгледаат стадионот на Болоња која во тој момент имала натпревар против Палермо. Иста судбина имале и во Торино каде гостувал Милан, а на стадионот на Јуве успеале да влезат за момент, но потоа обезбедувањето не им дозволило да останат на мечот бидејќи влегле без карти.
„Последниот ден ни беше највозбудливо. Патот до стадионот Матуза каде игра Фрозиноне беше интересен. Се работи за мал град во кој сите одеа да го гледаат мечот против Сампдорија. Немаше шанси да утнеме. Потоа го видовме Артемио Франки во Фиренца и Олимпико во Рим, а многу не импресионираше моментот кога излегуваа навивачите на Наполи од Сан Паоло. Два часа бевме во колона каде ја видовме нивната страста за фудбал. Наполи ја победи Фиорентина, а луѓето урлаа од радост. Во еден момент запалија огномет меѓу колите за да ја прослават победата“.
Им остана Барбера, стадионот на Палермо на Сицилија.
„Се надеваме дека навивачите на Палермо нема да ни се лутат, но не успеавме нивниот стадион да го ставиме во планот. Ете прилика повторно да направиме вакво нешто, кое го ослободува стресот од испитите на факултет“.
Во план им е еден ден иста ваква тура да направат и на стадионите во Премиер лигата.