Во очи на најинтересниот и најнеизвесниот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите за кој слободно може да се каже дека наликува на финале, освен Кристијано Роналдо кој за прв пат ќе се соочи против својот поранешен тим, огромно внимание предизвикува и дуелот на двајцата ривали кои како тренери ќе се пресметаат по 15 пат. Мурињо е поуспешен со шест победи, Фергусон има три, а пет средби завршиле нерешено.
Интересно е што првиот и последниот нивни дуел се случи токму во ова елитно клупско натпреварување. Во 2004 година кога Жозе Мурињо се прослави во светот освојувајќи ја Лигата на шампионите како предводник на Порто, во осминафналето го елиминираше Манчестер Јунајтед. На првиот дуел на „Олд Трафорд" беше 1:1, а на реваншот Португалците славеа со 2:1.
Одмаздата на европска сцена Сер Алекс Фергусон му ја направи по 5 години и тоа на средба повторно во осминафиналено од Лигата на шампионите. Интер под водство на Жозе Мурињо одигра без голови на „Сан Сиро", а на реваншот „Црвените ѓаволи" славеа со 2:0. Сите останати 10 соочувањата помеѓу Мурињо и Фергусон се случија на островот откако Португалецот стана предводник на „Сините" од Лондон.
Тоа дефинитивно беше најуспешната ера на Челси, затоа што на тие 10 средби Фергусон победи само еднаш, Мурињо пет пати, а четири средби завршија нерешено. „The Special One", му внесе немир на славниот Шкотланѓанец уште на 15 август 2004 година, кога на отворањето на сезоната во Премиер лигата Челси славеше со 1:0.
Истата сезона Челси го елиминираше Јунајтед во полуфиналето на Лига Купот, а го совлада и на реваншот во првенството на гостински терен. Единствениот триумф на Фергусон над Мурињо во Премиер лигата се случи на 6 ноември 2005 година, а вториот беше на нивната последна битка на островот во финалето на Супер Купот, кога по регуларните 1:1, Црвените Ѓаволи славеа на пенали.