Според сите очекувања и сите најави, селекторот Ангеловски реши да извади комбиниран тим вечерва на арената „Тодор Проевски“ но повторно од стартот беа капитенот Пандев, Езџан Алиоски и Елиф Елмас.
Но и резервистите, кои денес добија шанса, во целост ја оправдаа довербата. Особено радува фактот што стрелци на гол во убедливиот триумф од 4:0 беа и дебитантот Милан Ристовски и Дарко Чурлинов кои докажаа дека Ангеловски може да смета на нив на Европското.
Македонија уште од првата судиска свирка јурна кон противничкиот гол и создаде неколку зрели шанси брзо да го отвори резултатот.
Иван Тричковски ја имаше првата озбилна шанса да го скрши оревот но шутираше непрецизно. Нашата офанзива доби плод во 35' минута кога Езџан Алиоски искористи пенал направен врз Елиф Елмас по сјаен продор на фудбалерот на Наполи.
Работата на македонските репрезентативци беше олесната во судиското продолжение од првиот дел кога Мужиков по еден страшно груб старт врз Кире Ристевски, заслужено доби црвен картон и Казахстан остана со 10 играчи.
По водството Македонија притисна уште посилно, со цел да ја дуплира предноста но на пауза отидовме со гол позитива.
Со исто напаѓачко темпо го почнавме и вториот дел. Иван Тричковски конечно го скрши мразот во 57' минута по врвно додавање на Пандев до Тихомир Костадинов кој му асистираше на водечкиот стрелец на АЕК Ларнака за 2-0:
После новиот гол нашите репрезентативци, бројчано надмоќни на теренот, решија да го докрајчат противникот. Ривалот следен го начна дебитантот Милан Ристовски, офанзивец од Ружомберок (брат на десниот бек Стефан Ристовски) кој го постигна најубавиот гол на вечерта, во 74' минута од мечот:
Само пар минути подоцна Дарко Чурлинов исто постигна дебитантски гол за конечни 4-0. Фудбалерот на бундеслигашот Штутагрт успеа со лизгачки старт да го даде својот прв гол во националниот дрес:
До крајот од мечот селекторот на Македонија искористи можност да им даде шанса и на останатите резервни фудбалери кои ќе треба да бидат голема поддршка за првотимците на Европско првенство.
Македонија останува во Скопје до 8. јуни кога патува во главниот град на Романија. Во Букурешт на 13-ти јуни од 18:00 часот отвораме со репрезентацијата на Австрија.