Енис Барди има нов клуб, пред врата е да заигра во Лига на шампиони

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, по одличните игри за шпански Леванте, беше цел на неколку европски клубови, а на крај се реши да потпише за турскиот шампион Трабзонспор.

По испаѓањето на Леванте во втора шпанска лига Сегунда, речиси беше извесно дека нивниот најдобар играч и број 10, Енис Барди ќе смени средина.

Македонскиот капитен во летниот преоден рок беше поврзуван со неколку европски клубови, најчесто се споменуваше грчки Олимпијакос, но на крајот за него најконкретен бил Трабзонспор, шампионот на Турција.

„Среќен сум што сум овде. Подготвен сум да работам. Едвај чекам да ги запознам соиграчите и тренерот. Мотивиран сум што ќе играм за Трабзонспор, сакам да станеме шампиони и да влеземе во Лигата на шампионите“, изјави Барди на аеродромот веднаш при слетувањето во Трабзон.

По Езџан Алиоски во Фенербахче, Барди е втор репрезентативец на Македонија кој направи трансфер во турската Суперлига летово.

Клупскиот новинар на турскиот гигант Трабзон, Хасан Тунџел на својот твитер налог откри некои интересни поединости од трансферот на Барди:

„За Енис Барди, на Леванте ќе му бидат исплатени 3 милиони евра на три рати. Платата на играчот се очекува да биде еден милион евра. Олимпијакос претходно имаше понуда за него од 5 милиони евра на почетокот на трансфер периодот, но факторот Лига на шампионите и тоа што е Македонец кој е близок до турската култура беа најважни фактори за реализирање на трансферот.

Името на Барди беше на агендата на Трабзонспор уште од минатата сезона, но тогаш неговата трансфер цена изнесуваше 10 милиони евра. Пред 10 дена повторно беше преземна акција за Барди и таа вроди со плод“, открива Тунџел.

Барди ја почна кариерата во младинската школа на дански Брондби од каде заигра и во клубот на иселеници во Шведска, Преспа Бирик. Од таму првиот голем трансфер Енис го направи во унгарски Ујпешт од каде со одлични игри се препорача во Леванте.

Во дресот на шпанскиот клуб имаше феноменални партии зачинети со прекрасни голови против ривали како Барселона, Реал Мадрид, Валенсија, Атлетико Мадрид итн.

Трабзонспор е еден од гигантите на турскиот фудбал со огромна армија навивачи зад себе. На модерниот стадион „Медикал Парк“ (правото име е Стадион Шенол Ѓунеш, во чест на некогашнот турски селектор и голман и тренер на Трабзон) кој беше изграден и пуштен во употреба во 2016-та има 40.782 седечки места.

Навивачите важат за едни од најжестоките во цела Турција а тоа го докажаа и на прослава на титулата кога речиси цел град излегол на улици:

Трабзонспор е 7-кратен шампион на Турција, 9 пати завршувал втор како вицешампион, 9 пати го освоиле пехарот наменет за победник на Куп на Турција и 10 пати го освоил Суперкупот на Турција.

Минатата година Трабзон ја освои шампионската титула и стекна право да игра во плејофот за пласман во Лига на шампиони каде ќе ги чека дански Копенхаген. Првиот меч е на 16 август во Данска а реваншот на 24 август во Турција.

Интересно, главни играчи во тимот се Данецот Андреас Корнелиус (29) кој во август 2021-ва дојде во Трабзон и веќе има 16 гола на 38 меча и 29-годишниот Грк Анастасиос Бакасетас кој беше меѓу најзаслужните за титулата освоена минатата сезона. Во тимот е и легендарниот Словак Марек Хамшик, некогашниот култен капитен на Наполи.

Во нападот Трабзон ги има уште и сјајниот Египќанец Трезеге кој пристигна од Астон Вила и Един Вишќа, староседелецот и расен стрелец во турскиот фудбал.

Барди најверојатно ќе мора да игра под друг број за разлика од Леванте каде на дресот ја носеше 10-та, затоа што таа во Трабзон, барем за сега му припаѓа на младиот талент Абдулкадир Омур (23), дете на клубот кој веќе има и 4 настапи за репрезентацијата на Турција.

11 август 2022 - 12:33