Емотивниот гол на јунакот кој е пресреќен што воопшто игра фудбал

Колку и да го величаме дека е јак во среден ред, сепак мора да признаеме дека Раџа Наинголан знае да биде “копач“ со тоа стартовите без осет, а потврда за тоа е оваа приказна која за среќа, па и за чудо не заврши со тажен крај.

Името Федерико Матиело најверојатно не ви значи ништо. Можеби го памети некој навивач на Јувентус, бидејќи дебито во Серија А му беше пред четири години кога Старата Дама ја декласираше Парма со 7:0. Влезе на местото на Маркизио.
 
Само два настапи во Јуве за надежниот 19 годишен играч од среден ред кој веќе од следната година замина на позајмица во Киево, дестинација од каде му почнаа кошмарите.
 
 
На 8 март 2015-та на стадионот Бентегоди Киево ја пречека Рома на средба по која никој не зборуваше за играта и резултатот, туку за еден од најстрашните фаули во Серија А.
 
Наинголан му влезе на Матиело и му ја скрши ногата, а глетката беше језива за гледање бидејќи ногата му се свитка неприродно. Дури и самиот играч прво не овкаше од болка, туку беше во шок од тоа што го гледа и се држеше за глава.
 
 
По 8 месеци на жртви и рехабилитација, Федерико успеа да се врати на терен (некои не се ни враќаат после таква повреда) на натпревар против Џенова. Мечот го одигра без проблем, а знаците за неговата оперирана нога изгледаа позитивни.
 
Арно ама теророт тука не му заврши. По три дена на тренинг повторно ја скрши ногата, и тоа истата. Како малку да беа тие мрачни 8 месеци. Но Матиело е прав пример за издржливост, храброст и упорност.
 
 
По новото долго време за закрепнување и враќање во форма, се појави во Серија А минатата сезона во дресот на СПАЛ. Почна да игра со континуитет и да го привлече вниманието на Аталанта која го купи, а оваа сезона го прати на позајмица во Болоња кај Пипо Инѕаги кој силно го посакувал во тим.
 
По четири години фудбалски стаж од кои пола во аут, сега 23 годишниот Федерико Матиело ја почувствуваа возбудата на постигнување гол и тоа знаете против кого? Рома, клубот против кој му се случи кошмарот. Каква коинциденција.
 
 
И тоа убав гол за 1:0 кој може да го видите после 1:15 на видеото. Сè сам направи дечкото.

Посветата на неговиот деби гол во Серија А му е скроз разбирлива:
„На кого го посветувам? Па после сите жртви кои ги направив за да му се вратам на фудбалот, на самиот себе“, изјави Матиело.
24 септември 2018 - 16:08