Фудбалерите на Наполи ја платија цената на отпор и одбивање да одат во строг карантин пред повеќе од еден месец.
Откако претседателот на клубот, Аурелио Де Лаурентис, револтиран како и многу навивачи на Наполи, реши за време на резултатската криза да ги прати играчите во изолиран карантин во клупската база, тие одбија.
Неколку недели траеше тензијата меѓу играчите и стручниот штаб од една страна и управата со претседателот на чело од друга страна.
Фудбалерите на италијанскиот вицешампион не отишле во карантин кога им било наложено, туку со своите автомобили си отишле дома. Тоа го изиритирало Де Лаурентис кој прво се консултирал со своите адвокати со цел изнаоѓање начин како да се казнат фудбалерите.
Во понеделникот Газета дело Спорт ги објави санкциите кои доаѓаат во пресрет на мечот против Ливерпул на „Енфилд Роуд“.
Веројатно паричните казни се пресметани во однос на висината на платите на фудбалерите, па така на пример капитенот Лоренцо Инсиње кој се смета за еден од заговорниците на бунтот, е казнет со 374.000 евра. Кулибали ќе остане пократок за 225.000 евра а Бразилецот Алан кој дури и се спречкал со синот на сопственикот Де Лаурентис е казнет со 187.960 евра.
Дрис Мертенс и Костас Манолас се скратени за по 168.750 евра.
Нашиот Елиф Елмас е казнет со 56.250 евра што не е нималку наивна сума и покрај големите заработувања на некогашниот бисер на скопски Работнички.
Италијанските медиуми шпекулираат дека клупата на Карло Анчелоти е разнишана, во прв ред поради неочекувано слабите резултати (Наполи заостанува повеќе од 10 бода зад Јувентус и Интер). Во Лига на шампиони на клубот од градот под Везув му оди добро, има 2-2-0 после 4 кола и 8 бода кој најверојатно го носат во следна фаза. Во среда вечер Наполи гостува на најтешкиот терен во Лигата на шампионите, Енфилд Роуд кај шампионот на Европа.