Не е Тоти, ниту е Балотели, туку Себастијан Џовинко, најскапиот италијански фудбалер кој по завршувањето на сезоната во Серија А заминува на печалба во Канада која длабоко ќе му го наполни џебот.
Напаѓачот на Јувентус кој овој месец ќе наполни 28 години потпиша 5 годишен договор со екипата на Торонто во МЛС лигата, каде ќе заработува по 10 милиони долари или 8,6 милиони евра годишно.
„Атомската мравка“ како што го нарекуваат, ќе стане најплатен фудбалер од чизмата, примат кој го држи Даниеле Де Роси во Рома кој игра за 6,5 милиони евра по сезона, а веднаш по него е Марио Балотели кој во Ливерпул зема 6 милиони годишно.
Џовинко е член на Јуве од 2006 година, но со исклучок на сезоната 2012/2013 кога одигра 31 меч во Серија А, во ниту една друга сезона немаше стандардно место во тимот. Раководните луѓе на Јуве во меѓувреме го позајмуваа во екипите на Емполи и Парма, каде ретко седеше на клупа.
Повремениот италијански репрезентативец има 21 настап и само еден постигна гол за Италија, а ќе биде поплатен и од сите негови славни сегашни колеги и носители на играта на Јуве, како Карлос Тевез и Пол Погба кои заработуваат по 4,5 милиони евра, потоа од Буфон (4 милиони) и Пирло (3,8 милиони).
Зад него ќе заостануваат со плати и играчи од калибарот на Видиќ (3,2 милиони евра), Гомез (4,2 милиони евра), Мексес (4 милиони евра) и поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Гонзало Игуаин, кој во Наполи заработува 5,5 милиони евра по сезона.
Џовинко минатата сезона имаше 17 настапи во Серија А, оваа одигра до сега само на шест средби, но од годишна плата во Јуве која му изнесуваше 2,2 милиони евра по сезона, сега може да се пофали дека е поплатен од Родригез (6 милиони евра) и од Робен и Бензема (8 милиони евра).
Клубот го поздрави на англиски и италијански.