Џеко е најголема ѕвезда на Црна Гора

Во пресрет на квалификациските мечеви за ЕП 2016 кои почнуваат во петок, руските репрезентативци требало да отворат Википедија со инфо за фудбалската репрезентација на Црна Гора.

Селекцијата на Русија во петок гостува во Подгорица каде ќе се сретне со Црна Гора во групата Г, а инаку и двете земји по првите четири кола не знаат за пораз и имаат по 5 бода. Но во таборот на руската репрезентација не знаат и основни работи за противникот, како на пример кој е главен играч.

Игор Портнјагин кој игра како напаѓач за Рубин Казан на прес конференција не знаеше да одговори кој е најопасен шпиц во Црна Гора. Руските новинари му помогнаа во кој клуб игра, но тој пак се посрамоти и делуваше како да е паднат од марс.

„Од Манчестер Сити? Да не е Един Џеко? А да, Стеван Јоветиќ. Немаше никогаш да го погодам, искрено не знам ниту еден фудбалер од црногорската репрезентација, со сите потребни информации располага нашиот стручен штаб“, изјави рускиот напаѓач.

Пред почетокот на пресот, Портнјагин не морал ниту да сурфа на интернет, туку доволно било за Црногорците да го потпраша малку колегата Артом Џуба.

„Ја прочитав изјавата за Џеко и баш ме насмеа. Добро е што не рекол дека најдобар играч на Црна Гора е Агуеро. Игор очигледно не следи многу фудбал. Јас ги знам Вучиниќ и Јоветиќ. Вучиниќ замина да игра на Обединетите Арапски Емирати, но и покрај тоа е опасен, особено кога игра за репрезентација“, изјави членот на Спартак Москва.

Џуба покажа општо фудбалско познавање за Црна Гора, а тоа се должи најмногу поради тоа што како позајмен играч во Ростов, тренер му беше Миодраг Божовиќ, инаку фудбалски стратег од Црна Гора.