Два гола го делат Руни од историја

На капитенот на Гордиот Албион му фалат уште два гола за да го достигне рекордот на Боби Чарлтон кој е прв стрелец во историјата на оваа земја со 49 голови.

Според Гери Линекер и Мајкл Овен, прашање на време е кога шпицот на Манчестер Јунајтед ќе го престигне рекордот на Сер Боби Чарлтон, затоа што Руни има 47 голови досега и е трет најдобар стрелец на Англија на сите времиња.
 
Чарлтон е прв со 49, Линекер е втор со 48, Џими Грејвс има 44, а Мајкл Овен 40 голови за репрезентацијата на Англија. Прилика да му се доближи на Чарлтон, па и да го надмине Руни ќе има веќе во недела кога Англија ѝ гостува на Словенија.
„Со неговиот квалитет, Руни ќе продолжи да дава голови и не е невозможно да постави нов рекорд кој тешко ќе се достигне. Покрај квалитетот, Руни е и многу цврст и ретко се повредува“, вели Овен кој последниот гол за Англија го даде на 27-години пред тешката повреда на лигаментите.
Гардијан пишува дека дури и да го сруши рекордот на Чарлтон на мечевите против Словенија, Сан Марино и Швајцарија, Руни несомнено ќе се соочи со критики што неговиот талент не го прикажал на големо натпреварување. Доказ за тоа е Гари Линекер, кој во 1986. година ја доби Златната Копачка за најдобар стрелец на Светското првенство.
„Никогаш не играв финале на Европско, но имав среќа што работите тргнаа на добро на Светско првенство. А тоа дека има некои што ќе зборуваат како си можел подобро, тоа секогаш ќе биде така. Во моментов Меси го критикуваат дека немал Светско првенство, а човекот освои сè што можеше да се освои. Во позитивните работи секогаш се наоѓа една негативна“, вели Гари Линекер, кој се надева дека Руни ќе продолжи да дава голови и да стане рекордер.
Англија во недела гостува кај Словенија во квалификациите за ЕП 2016 во Франција.
11 јуни 2015 - 11:58