По скандалозното однесување на претходната сесија, десниот бек на Рома не доби повик за пријателските натпревари кои „Селекао“ ќе ги игра против Аргентина (11. октомври) и Јапонија (14. октомври). На прес-конференцијата, Дунга го правдаше изборот со желбата да проба некои нови играчи.
На објавениот список се повикани левиот бек на Интер, Додо кој игра во одлична форма во Серија А, дефанзивецот на ЦСКА Москва, Марио Фернандеш и голманот на Наполи, младиот Рафаел Кабрал. Во селекцијата повторно се враќа Робињо, кој не играше за Бразил на годинешниот Мундијал.
„За Маикон вратите не се затворени. На него сметам и понатаму, но за предстојните натпревари сакавме да испробаме нешто ново“, изјави Дунга веднаш откако ги прочита повиканите фудбалери.
Исто како и за претходните пријателски средби против Еквадор и Колумбија, Дунга ниту овојпат не го повика Хулк, кој се пожалил на повреда, а на негово место е повикан Кутињо од Ливерпул.
Список на репрезентативци на Бразил:
голмани: Џеферсон (Ботафого), Рафаел Кабрал (Наполи);
одбрана: Данило (Порто), Марио Фернандеш (ЦСКА Москва), Фелипе Луиз (Челси), Додо (Интер), Давид Луиз, Маркињо (ПСЖ), Жил (Коринтијанс), Миранда (Атлетико Мадрид);
среден ред: Луис Густаво (Волфсбург), Рамиреш, Оскар, Вилијан (Челси), Елијас (Коринтијанс), Фернандињо (Манчестер Сити), Филипе Кутињо (Ливерпул), Евертон Рибеиро (Крузеиро);
напад: Неимар (Барселона), Диего Тардели (Атлетико Минеиро), Робињо (Сантош), Рикардо Гулар (Крузеиро).