Дресовите на Роналдо се уште се продаваат како алва

Фан шопот на Реал Мадрид е можеби најпопуларното место во главниот град на Шпанија, каде се уште се чекаат редици за да се дојде до белиот дрес со број „7". Иако е веќе четврта сезона дел од Кралскиот тим, интересот за дресот на Роналдо постојано расте.

Според анализите на шпанските медиуми огромниот интерес за дресот на Роналдо се должи на неговата фантастична форма, но и неговиот имиџ како личност, кој го оценуваат како попријателски спрема соиграчите и навивачите за разлика од претходните години.

Неговата популарност расте толку многу што веќе нема потреба да се прават споредби со останатите фудбалери од Реал за да се види кој е неприкосновен во продажбата на дресовите.

За сега нема официјални бројки колкава е продажбата од неговото доаѓање во Шпанија, но Реал Мадрид и Адидас никогаш до сега не паметат волкава заработувачка. Овој економски бум тие го споредуваат со времето на Зидан и Бекам, но како што се движат работите се чини тој ќе ги надмине сите поранешни великани во историјата на клубот.

Португалската ѕвезда има спонзорски договор со „Најк", но нивната спортска опрема ја носи надвор од тренинзите. Оној кој ги трие рацете од продажбата на дресовите е германската фабрика „Адидас" како и Реал Мадрид која е машина за правење пари благодарение на маркетингот кој го спроведува со своите играчи.

Адидас смета дека официјалната продавницата на Реал Мадрид која се наоѓа во потрибинскиот простор на „Сантијаго Бернабе" е најпрофитабилна просторија во светот каде на денот кога Кралевите имаат натпревар, ред се чека по 20 минути.

Инаку откако Роналдо потпиша со Реал само во првата сезона 2009/2010 беа продадени над милион дресови со заработувачка од над 100 милиони евра.

9 март 2013 - 21:38