Викендов во САД започна Голд купот - 12-то првенство на Централна и Северна Америка, а за прв пат на едно големо натпреварување пласман изборија и фудбалерите на Белизе.
Ако на Купот на конфедерациите ви беа симпатични и навивавте за фудбалерите на Тахити, тогаш Белизе е вашата нова омилена репрезентација за која ќе навивате на КОНКАКАФ Голд купот.
Белизе е најмала и најслабо населена земја во Централна Америка со околу 300.000 жители. Во целата земја има само едно стадионче со капацитет од 5.000 гледачи кое ги исполнува критериумите на ФИФА, а репрезентацијата на Белизе во моментов се наоѓа на 130-та позиција на светската ранг листа.
Фудбалерите на Белизе направија историски подвиг со пласманот на Голд куп, но им направија и проблеми на челниците на својата земја затоа што немаат пари да им го платат патот.
Белизе ќе игра во групата Ц заедно со САД, Коста Рика и Куба, а натпреварите ќе ги игра на различни стадиони во Портланд, Јута и Конектикат. Освен што им требаа пари за да стигнат до САД, тие сами треба да си ги финансираат и трансферите низ градовите.
Тие организираа повеќе активности за собирање на донации во својата земја и успеале да соберат 60.000 долари, но според нивните проценки им фалат уште 25.000. Ако сте заинтересирани, можете да им донирате тука.