Дивото патешествие на Сем Хатчинсон

Златното дете на Челси а сега фудбалер на Шефилд Венздеј, Сем Хатчинсон на 21 година ја прекина фудбалската кариера поради честите и тешки повреди. После неколку сезони се врати на теренот како херој и покажа дека приказните со среќен крај постојат.

На 25 април 2010. година, Челси го прегази Стоук Сити. На семафорот стоеше 7-0 и на две кола пред крајот, екипата на Карло Анчелоти самоуверено одеше кон заслужената титула.
 
Неколку минути по последната судиска свирка, радосната публика имаше многу причини за славје, а само едно момче од Винздор гледаше трагична сцена од некој хорор филм. Повреда и болки поради кои едвај го напуштил Стемфорд Бриџ.
 
Дојден во академијата на Челси на 7 години, Сем Хатчинсон го добил прекарот новиот Џон Тери. Неговиот татко Еди на времето бил член на младинските категории на Челси, а Сем го престигна и стигна до првиот тим.
 
Талентот на младиот фудбалер од Винздор го воодушеви Жозе Мурињо во првиот негов престој во Лондон, по што Специјалниот брзо решил да го прекомандува во првиот тим. Хатчинсон бил ѕвезда во англиската репрезентација до 21 година и еден од најомилените фудбалери во Челси. За првиот тим дебитираше на 17 години на мечот против Евертон. 

Во славните денови на тимот од Лондон, се чинеше дека на хоризонтот се гледа успешна кариера на млад играч во топ клуб, во една од најсилните лиги на светот. Следуваа интервјуа за насловни страни, рекламни договори, слава и универзална восхит. Но животот понекогаш оди во непредвидлива насока за која не можеме ниту да претпоставиме.
 
Природата не го дарувала Сем Хатчинсон со силни колена, напротив, колената на дефанзивецот не можеа да го издржат преголемиот напор на натпреварите. Англискиот стопер влезе во вртлогот на бескрајните повреди и општата констатација беше дека „Бисерот можеше да постигне повеќе“.
 
На 21 година, по честите операции на колената, Сем бил принуден да ја заврши професионалната кариера. „Мојот сон беше скршен“, призна младиот фудбалер кој подоцна раскажуваше дека голема утеха добил од Џон Тери и Ешли Кол, но најмногу му се нашла девојката Џенифер која сега му е жена.

Челси не го напушти Сем, му понуди да работи како коментатор за клупската телевизија и како ментор во младинските категории. Слободното време, Хатчинсон го поминувал гледајќи рагби, играјќи голф. Желбата за враќање во фудбалот му ја потпалувал неговиот другар и поранешен соиграч Рајан Бертран.
 
На почетокот, Хатчинсон одбивал, но неговата вообичаена посветеност и храброст ги избркала сите стравови и тој решил да го превземе ризикот. Животот на младиот фудбалер добива некоја друга смисла.
 
27 октомври 2015 година. Сем Хатчинсон го дава третиот гол против лондонски Арсенал. На семафорот на Хилсборо стои 3:0 и презимето на Сем Хатчинсон. Шефилд Венздеј го декласираше Арсенал и обезбеди пласман во 1/4 финалето на Лига купот. Во празнична атмосфера, целиот стадион навиваше и славеше, а херојот од Винздор едвај стигна до својот автомобил поради страшни болки во колената. Сцена за филм.
 
Никој не знае што во тој момент размислувал Сем Хатчинсон. Дали на новиот Џон Тери или на англиската репрезентација од која е далеку како Џенаро Гатузо од Лионел Меси. Можеби размислувал дека има 26 години и не е веќе млад и перспективен како некогаш или мислел на пофалбите на Карло Анчелоти или на неговата скромна вредност од 175.000 фунти на пазарот. Најверојатно е дека Сем Хатчинсон помислил на далечната априлска вечер од 2010. година кога после мечот едвај го напуштил Стемфорд Бриџ од болки.
 

Едно е сигурно. Сем Хатчинсон ги избркал злите духови и се разбудил од морничавиот кошмар и сега сонува убав сон.

На мечот Шефилд Венздеј - Арсенал во вторникот, Хатчинсон беше најдобар играч на натпреварот:

29 октомври 2015 - 15:47