Само шест месеци откако ја освои Лигата на шампиони, Роберто Ди Матео доби отказ од Челси. Овој епилог беше очекуван веќе долго време, а чашата ја прели вчерашниот пораз од 3:0 на гостувањето во Торино по што на Челси му треба многу среќа во последното коло од Лигата на шампиони за да ја избегне елиминацијата.
Роберто Ди Матео оствари 28 победи на 42 натпревари, но Челси би можел да биде првиот бранител на титулата кој е елиминиран уште во групната фаза од најелитното европско клупско натпреварување.
Вест за отказот на Роберто Ди Матео утрово беше објавена на клупскиот профил на Твитер, а потоа следеше и соопштение на вебстраната на Челси.
„Игрите и резултатите на екипата во последниот период не беа задоволувачки по што сопственикот и бордот на клубот сметаат дека се потребни промени за клубот да продолжи во вистинскиот правец. Роберто ни помогна да ја освоиме Лигата на шампиони и седмиот ФА куп и ние сме му многу благодарни. Тој секогаш ќе биде добредојден на Стемфорд Бриџ", стои во соопштението.
Се очекува управата на клубот наскоро да го објави името на наследникот на Ди Матео, а како привремено решение се споменува Рафаел Бенитез. Помеѓу останатите имиња околу кои се вртат шпекулациите се Хари Реднап и Пеп Гвардиола.