Карло Анчелоти го напушта Реал Мадрид после две години на Сантијаго Бернабеу. Италијанецот ја збогати трофејната сала на Реал со еден пехар од Лигата на шампионите, еден од шпанскиот куп и по еден од ФИФА Светското клупско првенство и европскиот Супер Куп.
Иако Силвио Берлускони соопшти дека го очекуваат разговори со Анчелоти, тренерот изјави дека најверојатно би одморал една година од фудбалот. На негово место, шпанските Марка и АС веќе го гледаат Рафа Бенитез, а кандидати со помали шанси од Рафа се Јирген Клоп, Зинедин Зидан, Унаи Емери и Антонио Конте.
Инаку Анчелоти е деветтата „жртва“ на скалпот на Флорентино Перез. Во неговата ера како претседател на Реал, Перез ги менуваше Висенте Дел Боске, Карлос Кеирош, Гарсија-Ремон, Валереј Луксембурго, Лопез Каро, Мануел Пелегрини и Жозе Мурињо. Реал го воделе девет тренери во последните 12 години.
До крајот од сезоната, Рафаел Бенитез како актуелен тренер на Наполи го очекува уште последното коло во Серија А и дуелот со Лацио кој одлучува за тоа кој ќе оди во плејофот од Лигата на шампионите. Бенитез веќе е на чекор од Сантијаго Бернабеу, пишува Марка, без разлика дали Наполи ќе игра во ЛШ или не.