Капитен на Челси на мечот од ФА Куп против Лутон (3:1) неочекувано беше 22-годишниот Мејсон Маунт. Ова бил своевиден гест на Френк Лампард на својот проштален меч како тренер на екипата.
Мејсон Маунт беше играч со најголема доверба на Лампард. Френк му беше тренер во Дерби Каунти од каде го врати на „Стемфорд Бриџ“ и Маунт брзо стана стандарден првотимец и репрезентативец на Англија.
„Заслужи. Игра како капитен цела сезона, го сака Челси и ја помина младинската школа. Во иднина Мејсон уште многу пати ќе биде капитен“, рече Лампард после мечот а самиот Мејсон објави емотивен твит:
„Да се биде капитен на клубот во кој сум од 6 години, нема зборови кои можат да ја опишат емоцијата и гордоста“
Captaining the club I’ve been at since the age of 6, no words can describe the emotion and immense pride! pic.twitter.com/7RzBdrtSoP
— Mason Mount (@masonmount_10) January 24, 2021
Маунт стана најмладиот капитен на Челси уште од времето на Џон Тери кој првпат ја понесе капитенската лента на 20 години.
Тоа се случи во 2001-ва година кога Мејсон имал само 2 години. Маунт е роден во Портсмут, татко му исто бил фудбалер и тренер но на аматерско ниво. После натпреварите на татко му, Мејсон секогаш трчал на теренот со другите деца.
„Памтам како шутирав со топка цело време по дома и во глава се уште го слушам гласот на мајка ми која ми викаше што кршев предмети. Тоа се памети засекогаш. Се надевам дека на крајот вредеше, мамо“, пишал во една прилика Маунт.
Детето на Челси е еден од ретките првотимци денес за кои навивачите немаат многу прашања и сомнежи.
Маунт како мал навивал за родниот Портсмут во кој играа Крауч, Дефо, Кану и други играчи на некогашниот редовен премиерлигаш кој денес е во трета лига.
На 6 години доаѓа во академијата на Челси.
„Го предупредив дека за последните години само Џон Тери се проби од младинци во прв тим. А тој самоуверено ми одговори дека ќе биде следниот“, раскажал татко му на Маунт.
Мејсон вели дека најблагодарен за неговиот развој му е на тренерот Мајкл Бил кој сега му е помошник на Стивен Џерард во Ренџерс.
„Во младинците на Челси многу сакав да играм против појаки играчи, конкуренцијата беше толку голема што реално ме движеше напред“.
Маунт има и други емотивни сеќавања од детството во Челси.
„Памтам кога собирав топки на натпреварите. За мене тоа беше настан. Добро памтам како зборев со Жозе Мурињо. Ми викаше дека ако водиме во Лига на шампиони, топката треба да ја задржувам, да не ја фрлам одма назад“, се сеќава Мејсон.
Во академијата играл заедно со Деклан Рајс со кого биле блиски другари но во 2014-та Деклан бил отпуштен. Маунт во 2017-та потпиша 4-годишен договор со Челси. Клубот го прати прво на позајмица во Витесе (14 гола и 9 асистенции за 1 сезона), а после кај Лампард во Дерби Каунти.
„Секако дека прв идол ми е Фран. Тој беше најголем пример за мене, зошто играше во Челси на таа позиција. Кога Лампард ми се јави од Дерби не размислував воопшто. Тој ми е идол, пример за како треба. Да се игра под негова палка? Најдобра варијанта за мене“.
После една година Маунт се врати во Челси заедно со Лампард. Дебитираше во првото коло против Манчестер Јунајтед, а една недела подоцна го даде дебитантскиот гол и стана стандарден првотимец.
Мејсон минатата сезона 2019/2020 имаше 7 гола и 6 асистенции, а сезонава е еден од најважните играчи во тимот.
Првиот гол за Челси со Лампард го постигна против Лестер во август 2019, а последниот во јануари 2021 исто под водство на Френк. Одигра 55 меча од 57 во Премиер лига што е доказ колку неговиот идол му веруваше.
Сега веќе Френк го нема, останува да се види како Маунт ќе игра кај новиот тренер Томас Тухел.