Има 42 години, 877 настапи во 8 англиски клубови. Но се чини дека на ветеранот Џејмс не му се доволни 25 години кариера, па од елитната Премиер лига се пресели во помалку популарното фудбалско првенство во Исланд или поточно во Хеимазим, мал остров кој се наоѓа јужно од Исланд.
Џејмс се одлучил на ваков потег заедно со Херман Хејдарсон, со кого заедно го освои ФА Купот со екипата на Портсмут пред 5 години. Хејдарсон кој е роден во Исланд е назначен за тренер на ИБВ, а негов асистент му е токму Џејмс. Но интересно е што и двајцата истовремено настапуваат за тимот.
Поради ниските температури, исландско првенство почна минатиот викенд и ќе трае со септември. Во првата лига се натпреваруваат вкупно 12 клубови, а Џејмс во своето деби обезбеди победа од 1:0. ИБВ е основан во 1903 година, а до сега има освоено 3 шампиониски титули.
„Фудбалот тука не е како во Премиер лигата, терените не се како на пример на „Емирати", но ова за мене претставува нов предизвик. Животот тука го диктира времето кое е најтешко во зима. Зад едниот гол на теренот е патот кој води кон градот, а зад другиот има игралиште за голф, а потоа е Атлантскиот океан", раскажува Џејмс.
Но фудбалот не е единствената негова окупација. Тој е ангажиран со полно работно време во клубот, а истовремено студира Психологија. Слободно време го пополнува со читање и сликање.
За ИБВ настапуваат вкупно петмина англиски фудбалери, но гледајќи го примерот на двајца од нив, изгледа дека од фудбалот во Исланд не се живее баш најдобро. Играчот од средниот ред Јан Џефс истовремено го тренира младинскиот тим на ИБВ, а неговиот колега Мет Гарнер работи во фабрика за рибна индустрија.
„Дојдов тука за да се насочам повеќе на тренерската функција. Мојата вистинска цел е да работам со младите голмани и нивниот развој. Ќе работам со секој што има желба и со играчи од машките и женски младински екипи", вели Џејмс.
Поранешниот голман на Ливерпул и Манчестер Сити уште кога пристигнал веднаш предизвикал големо внимание во градот, но како голема ѕвезда во Исланд го смета неговиот колега Хејдарсон кој има статус на славна личност како пејачката Бјорк која е родена на овој остров.