Децата на Лион кои го оладија Јувентус

Бјанконерите го одиграа првиот меч годинава на кој Кристијано Роналдо не постигна гол. Против себе имаа млада екипа, предводена од Руди Гарсија, човекот кој пред неколку сезони ја водеше Рома.

Парот Јувентус - Лион изгледаше најизвесен од сите други, но од синоќа важи за најнеизвесен. И сè благодарение на одличниот Лион кој дрско го нападна шампионот на Италија.

Францускиот тим за малку ќе останеше без нокаут фаза во Лига на шампиони, но во последното коло од групна фаза спасија бод против Лајпциг иако губеа 0:2 и отидоа во следна рунда.

Главна дискусија после мечот Лион - Јуве е како гостите не упатиле ниту еден удар кон противничкиот гол. Статистиката на УЕФА вели дека имало еден шут од Роналдо во 84’ минута но прецизната Opta вели немало. Ова на Јувентус му се случува трет пат во историјата: претходно не шутнале на гол против Атлетико во 2014-та и Арсенал 2006-та.

За Кристијано Роналдо ова блиско гостување на Јуве (300 километри до Лион) беше прв меч годинава без гол - на претходните девет натпревари секогаш даваше гол и тоа не само против Каљари или СПАЛ, туку и против Милан, Наполи и два пати против Рома.

ДЕЦАТА НА ЛИОН

До една од најголемите победи во современата клупска историја, Лион го предводеа некои клинци.

22-годишниот Лука Тузар кој го постигна победничкиот гол, дебитирал за Лион уште пред четири години, а зимава францускиот клуб го продаде за 25 милиони евра во Херта со тоа што во Берлин ќе се пресели во јуни.

Од трите последни шута во Лига на шампиони, Тузар даде два гола од кои двата во плејоф фаза: прво со Барселона (пред една година во 1/8 финале Барса ги совлада 5:1) и сега против Јувентус.

А асистенција за голот намести Усем Ауа кој има 21 година. Овој Французин со алжирски корени учествувал во акциите за три од последните пет гола на Лион во Лига на шампиони. Втора сезона по ред Ауа има по минимум три асистенции: лани против Шалке и Хофенхајм два пати, а сега против Лајпциг, Бенфика и Јувентус.

Ауа го имаше и дриблингот на мечот.

Фантастичен беше и Бразилецот Бруно Гимараеш кој има 22 години а во Лион дојде од Атлетико Параненсе пред само три недели. Ова е буквално негов втор меч за Лион. Дебитираше на 21 февруари во Лига 1 па го регистрирале за ЛШ. Бруно Гимараеш е ултра талентиран фудбалер кој отворено и јавно го одби Атлетико Мадрид само за да дојде во Лион.

За тоа за каков бисер се работи зборуваат броките: 96,4% точни додавање на противничка половина (најдобар учинок на мечот) и 7 добиени дуели од 8 (втор во својот тим во оваа категорија). Спортскиот директор на Лион Жунињо изјавил: „Бруно гледа само напред, однапред знае што ќе се случува“.

Лион за капитенот на младинската бразилска репрезентација даде 20 милиони евра а неговиот почетен настап во Европа би можел да најави и сериозна препродажба за пар сезони.

ДЕТЕ ВЛЕТА ВО ТЕРЕН ПО АВТОГРАМ, КРИСТИЈАНО РОНАЛДО СЕ НАПНА

ШТО МУ ЗАМЕРИ БОНУЧИ НА МАТУИДИ НА ЗАГРЕВАЊЕ?