Дебитантски гол за Миовски, новата 9-ка на Абердин

Шкотски Абердин доби одличен напаѓач во македонскиот репрезентативец.

Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски пред само неколку дена доби одобрение за виза од британските власти по што му се приклучи на својот нов клуб на терен. Миовски дебитираше со гол.

Македонскиот центарфор уште на својот прв официјален меч покажа зошто е доведен и зошто навивачите очекуваат многу од него. Абердин играше во Лига Купот против Рејт Роверс а Миовски кој беше стартер, во 6’ минута најпрвин изнуди пенал а потоа самиот го изведе за водство од 1-0.

Миовски набрзо и асистираше до соиграчот Рос МекРори кој постигна ефектен гол.

Шкотскиот тим до крајот зголеми на 3-0 и однесе победа во првата рунда од Лига Купот.

„Го изведов пеналот и постигнав гол, тоа ќе ми даде самодоверба за во иднина. Благодарност на моите соиграчи за поддршката.  Ми се допаѓа нашиот стил на игра, играме офанзивно, има многу нафрлувања и повеќе можности за мене. Едвај го чекам моето деби во лигата, среќен сум и поради приемот на навивачите, тоа ми дава дополнителен мотив“, изјави 23-годишниот напаѓач после мечот.

За Миовски по голот на подготвителниот натпревар, ова е прв погодок на официјален натпревар.

25 јули 2022 - 10:30