Жалниот епилог на сезоната 2020/2021 за Вардар значи испаѓање во понизок ранг. Ако за такво нешто домашната јавност беше спремна во претходните неколку месеци поради големата криза во Вардар, во регионот оваа вест одекна силно.
Српски „Моцартспорт“ направи интервју со Илија Најдоски и Дарко Панчев, со цел да се информира што се случило.
„Видете, друга песна ќе се пееше доколку ние во Македонија имавме еден Александар Вучиќ. Претседателот на Србија исклучително многу го сака спортот, но многу е важно тоа што тој го препозна фактот дека спортските успеси за секоја држава се најевтин и најдобар вид на промоција. Ја следам ситуацијата во Србија, гледам колку Вучиќ и државата им помагат на најголемите српски брендови Звезда и Партизан во фудбал и кошарка и нема сомнение дека тоа е исправно. Се прават добри играчи, кои потоа заработуваат големи пари во странство, ја презентираат Србија на најдобар можен начин, а потоа тие пари најчесто ги трошат во својата земја. Математиката е едноставна“, изјави Панчев за „Моцартспорт“.
Од друга страна, „Илија громовникот“, како што навивачите на Црвена звезда го нарекуваа силниот македонски стопер, нагласува дека некогашниот сопственик и финансиери на Вардар повеќе сакал ракомет отколку фудбал.
„Видете, кога Панчев ме повика во Вардар да му помогнам во спортскиот сектор, знаев што ќе следува. Едноставно знаев но не можев да го одбијам. Ние служевме како еден вид покритие за клубот да не биде крив. Во клубот донесовме големи пари од пласманот во Лига Европа, но на нив (тогашната управа) подраг им беше ракометот“, додава Најдоски.