Бергамо очигледно е најтешко гостување за Јуве во последно време. Во четвртфиналето на италијанскиот Куп синоќа Аталанта го згроми тимот на Алегри со 3:0.
Тренерот на гостите се реши за најдобриот состав кој го имаше на располагање: играа и Кјелини (се повреди во 26’ минута па влезе Кансело) и Роналдо и Дибала и Бернардески и Кедира и Алекс Сандро и Шчесни.
Белгиецот Тимоти Кастање го отвори резултатот на средина од првиот дел по големата грешка на нововлезениот Жоао Кансело:
Вториот гол за 2-0 го даде Дуван Запата. Колубмиецот „полуде“ и веќе има 20 гола во сите натпреварувања сезонава:
Неверојатниот Запата ги постави и конечните 3-0 со помош на бледиот Де Шилјо:
Масимилијано Алегри заработи исклучување во текот на мечот поради расправија со судиите, но после мечот бил спокоен:
„Судиите со право ме исклучија зошто изгубив контрола. Не треба да се драматизира, просто беше лош ден. Разочарани сме што испаднавме но лудо е да се мисли дека Јувентус може да ги добие сите натпревари во текот на сезоната. Не мислам дека ова е некаков аларм за нас, зошто невозможно е да се победат сите дуели.“
- Јувентус првпат во епохата на Алегри ќе остане без Купот на Италија. Од 2014 година Јуве редовно го освојуваше овој вреден трофеј а притоа имаше и четири шампионски скудета по ред.
- „Старата дама“ е апсолутен владетел со титули од 2011/2012.
- Интересно, Јувентус не изгубил од италијанска екипа од април минатата година - цели 29 натпревари. Последен кој го победи Јуве беше Наполи. Сезонава „бјанконерите“ изгубија два пати но во Лига на шампиони - од Манчестер Јунајтед дома и од Базел на гости.
- Дуван Запата има 17 гола на последните 10 натпревари. Во европските топ5 лиги во моментов нема играч со таков учинок.
- Тимот од Торино до синоќа не примил гол во Купот на 7 меча по ред! Последен пат примиле гол во април 2017 и тоа исто од Наполи. Синоќа речиси 70 минути играа без Џорџо Кјелини, и без повредените Бонучи и Барѕаљи.
- Јувентус вака убедливо во Купот не изгубил цели 23 години. Дури во ноември 1996 година Интер го победил Јуве со 3:0.
- Првпат сезонава избраниците на Макс Алегри не постигнаа гол. Фудбалерите на Јуве во првиот дел немаа ниту шут на голот. Таков проблем имаа и на мечот со Лацио минатиот викенд, но тогаш собраа сили и направија пресврт со пенал во финишот.