Џанлуиџи Буфон е роден во градот Карара, во северниот дел на Тоскана и бргу станал опседнат од локалниот клуб. Како дете тој не пропуштал ниту еден натпревар на Карарезе, а во тинејџерските денови дури и се тепал со противничките навивачи.
Тој ја започнал кариерата во Парма на околу 100 километри од родниот град, па секој слободен момент го користел за да отпатува во Карара и да го бодри својот тим.
Дури и кога не е во можност физички да го бодри Карарезе, Буфон секогаш е со својот клуб. Веќе долги години на неговите голмански ракавици стојат буквите "C.U.I.T" што е кратенка за Commando Ultras Indians Trips - навивачката група на која тој и припаѓал.
Буфон има освоено безброј национални и интернационални трофеи со Парма, Јувентус и репрезентацијата на Италија и важеше за еден од најдобрите голмани на планетата, но ниту во еден момент не го заборави Карарезе.
Во 2010-та година Карарезе беше на работ на испаѓање во Серија Д - 5-та по ранг лига во Италија и тогаш Буфон реши лично да интервенира. Тој формираше конзорциум во кој помеѓу другите членува и Кристијано Лукарели и во јули 2010-та година го купија клубот.
Набргу Карарезе избори пласман во 3-та лига, но тогаш се зголемија и трошоците и проблемите на клубот. Останатите членови на конзорциумот решија да се повлечат, но Буфон не го остави својот омилен клуб на цедило и им ги откупи нивните акции.
Без поголеми финансиски средства, Карарезе оваа сезона освои само 21 поен и испадна во 4-та лига по што се раширија гласините дека Буфон сака да го напушти клубот, но тој експресно ги демантираше и им вети на навивачите дека ќе стори се за следната сезона да го врати Карарезе во 3-та лига.