Селекторот на босанската репрезентација Сафет Сушиќ, заедно со своите помошници одлучиле да се прошетаат во близина на нивната база во Сао Паоло, но за малку ќе биле ограбени.
Инцидентот се случил синоќа откако тројца вооружени луѓе со велосипеди ги следеле Босанците, а потоа откако ги пресретнале поминало полициско возило кое не успеало да ги стигне.
Ова е прв ваков случај со некој учесник на Мундијалот, во земјата која има многу проблеми со криминалните банди и која секојдневно се соочува со протести поради големите трошоци за одржувањето на најголемиот спортски настан.
Сите 32 репрезентации имаат постојана заштита од бразилската полиција и војска, но Сушиќ и останатите членови од стручниот штаб на БиХ веројатно не ги известиле за нивната вечерна прошетка низ улиците на Сао Паоло.
Дебитантот на овој Мундијал е дел од групата Ф заедно со Аргентина, Иран и Нигерија, а првиот меч го игра в недела против „Гаучосите“ во Рио де Жанеиро.