Терористичките напади во Париз и бомбата која однесе три жртви во близина на Стад де Франс, каде Франција и Германија играа пријателски натпревар, ги натера безбедносните служби драстично да го зголемуваат нивото на безбедност и на стадионите.
Во сабота пред големото шпанско дерби никој без карта нема да може да се доближи до Сантијаго Бернабеу поблиску од еден километар, а навивачите ќе поминат низ три контроли.
Пред стадионот на Реал ќе патролираат полицајци со коњи, а ќе има и кучиња кои се обучени да осетат експлозив. За дербито на колото се ангажирани и 1.800 агенти, а околу стадионот ќе кружат дронови и хеликоптери.
Министерот за внатрешни работи на Шпанија не сакаше тероризмот да победи и затоа се откажа од идејата да го одложи Ел Класико. За безбедноста на навивачите и играчите ангажираше сè што мрда од службите за безбедност.
По хоророт во Париз каде загинаа 129 луѓе, поради страв од нови терористички напади беа одложени пријателските средби Белгија - Шпанија и Германија - Холандија.