Минатиот петок Италија го прославуваше Денот на дедовците (La Festa dei Nonni). Два дена подоцна, Сампдорија ги покани највозрасните сопственици на сезонски влезници да излезат на терен со играчите пред дуелот со Интер.
На социјалните мрежи се тераа шеги дека со нив требал да излезе и резервистот Антонио Касано кој има 33 години, а изгледа многу постар. Фантантонио на крајот ги одигра последните 15-ина минути во ремито 1-1.
Викендот сепак го одбележаа младите сили. Асистент на голот на Сампдорија беше 17-годишниот бек Педеро Переира, а прецизно стрелаше 24-годишниот Луис Муриел. Карпи во меѓувреме го изненади Торино со погодокот на 22-годишниот Рајдер Матос, додека Пауло Дибала и Алваро Мората го водеа Јуве до победа над Болоња.
Вечерта на сцена стапи Лоренцо Инсиње. Иако многумина го сметаат за постар затоа што е оженет, има две деца и веќе четири години игра во Серија А, Лоренцо Инсиње летово наполни 24 години.
Синот на Неапол сезонава блесна на првите шест натпревари и даваше голови против Јувентус, Лацио (гол и асистенција) и Емполи. Во неделата на Сан Сиро против Милан даде два и намести еден во историскиот триумфот од 0-4. Навивачите на Милан во еден момент престанаа со навредите и свирежите кон управата и му аплаудираа на Инсиње кога излезе од игра. Ниту Марадона немал таков настап против Милан.
Селекторот на Италија Антонио Конте го викна за преостанатите два дуели од квалификациите за ЕП 2016 против Азербејџан и Норвешка. Конте во живо го гледаше фантастичниот настап на Инсиње во Милано. Минатата година Арсен Венгер беше сериозно загреан да го купи младиот Инсиње, но италијанскиот репрезентативец кој играше како позајмен и во Фоџа и Пескара реши да остане под Везув.
Почетокот на сезонава е неверојатен и за самиот Лоренцо Инсиње, кој лани беше на прагот да замине од Наполи поради слабата форма и инцидентот со навивачите на Сан Паоло. Во реванш мечот од Плејофот за ЛШ против Атлетик Билбао, Инсиње најпрвин промаши идеална шанса, а кога го исвиркуваа додека излегуваше, го фрли дресот на земја и гестикулираше кон публиката.
Тоа ги разгневи Неаполитанците, кои беа револтирани и од написите на жена му Џени Дароне која на Инстаграм постираше слика со инцидентот со коментар „Вие не го заслужувате во Наполи“. Но Инсиње никогаш не помислил да замине.
„Знаев дека свирежите кон мене беа свирежи од љубов. Јас сум син на овој град и градот очекува многу од мене. Ние сме горди луѓе, горд народ и сакаме тие што нè претставуваат да бидат добри во тоа што го прават“, изјави Инсиње кого Неаполитанците го гледаат како свој Франческо Тоти.
Во Неапол постои израз scugnizzo (скуњицо), збор кој дефинира лошо, палаво дете кое расте на валканите улици. Токму тоа е и прекарот на Инсиње кој се гордее што е син на градот под Везув.