Битка за ракавиците низ Европа

Фудбалските работници често велат дека за да бидеш голман, треба да си будала. Обично тој што ќе ја добие „единицата" влегува во прв состав, а „12-та" дреме на клупа. Конкуренцијата наредната сезона во некои клубови ќе биде многу поголема поради Јужноамериканците кои блеснаа на Мундијалот. 

Реал Мадрид

Од најдобар голман на денешницата, Икер Касиљас со катастрофални грешки на СП во Бразил и претходно во Реал како да фрли дамка на својата кариера. Самодовербата ја загуби откако Жозе Мурињо за прв голман на „кралевите“ го назначи Диего Лопез.

Лопез ја оправда довербата, но летово доби конкуренција во одличниот Навас, голманот кој правеше чуда на голот на Костарика во Бразил. Кејлор Навас во Мадрид доаѓа од Леванте, а има 27 години што значи дека многу лесно може да брани на долги стази.

Барселона

По серијата незгоди кои ги имаа со повредениот Валдез и сомнителниот Пинто, Каталонците решија да стават точка на дебатата за голманската позиција. Без многу размислување го доведоа Германецот Тер Штеген од Борусија Менхенгладбах за 15 милиони евра.

Во меѓувреме со луди одбрани на СП во Бразил се истакна и Чилеанецот Клаудио Браво, за кого Луис Енрике одлучи да одвои 12 милиони евра. Браво во кариерата бранел за Коло Коло во татковината, а од 2006. година стоеше на голот на Реал Сосиедад. За Чиле Браво има 86. настапи.

За новинарската споредба со Валдез, Тер Штеген дрско изјавил: „Јас сум јас и нема тука многу што да се споредува“.

Останува уште да се докаже во конкуренција на одличниот Браво и сè подобриот Жорди Масип.

Атлетико Мадрид

Јорганџиите важат за расадник на добри голмани. По Де Хеа кој замина во Манчестер Јунајтед, голот на Атлетико успешно го бранеше Белгиецот Тибо Куртоа. Сепак Челси го врати од позајмица во Лондон, а Атлетико не седеше со скрстени раце.

Во недостиг на квалитетен голман, челните луѓе на Атлетико решија за 16 милиони евра да го купат Јан Облак од Бенфика. Словенецот е роден во 1993 година и со преминот во Мадрид стана најскапиот голман во историјата на шпанската Ла Лига.

Во меѓувреме Диего Симеоне изјави дека сака уште еден сигурен голман, по што извесно е дека Мексиканецот Очоа ќе биде верна сенка на Облак сезонава. Очоа би дошол како слободен играч, затоа што му заврши договор со француски Ајачио.

Челси

Ако во останатите линии од екипата имаше пеколна конкуренција, тогаш со сигурност може да се каже дека Петр Чех на раат го бранеше голот на Челси изминативе 10 години.

Голмани доаѓаа во Лондон но немаа што да бараат покрај стандарниот чешки репрезентативец. Од летово Чех ќе треба повеќе да запне, затоа што Мурињо го врати Тибо Куртоа од позајмицата во Атлетико Мадрид. Белгиецот беше најзаслужен за силните успеси на Атлетико и изрази желба да остане во Шпанија, но последниот збор го има Мурињо.

Речиси е извесно дека Челси ќе ја има најдобрата голманска двојка во Европа.

Наполи

„Со Бенитез ќе одам и на Марс ако треба “, изјави Реина во една прилика, покажувајќи колку му е лојален на тренерот на Наполи.

Сонародниците соработуваа долго и во Ливерпул, а единицата во Наполи му припадна на Реина веднаш откако Бенитез дојде во Неапол.

Шпанскиот голман е позајмен од Ливерпул, но претседателот на Наполи, Де Лаурентис сака да го задржи по секоја цена. Реина лани имаше конкуренција во Бразилецот Рафаел кој се повреди на крајот од сезоната, па италијанците беа принудени да бараат нов резервен голман.

Рафаел сега е опоравен од повредата и конечно треба да ги покаже своите квалитети. Тоа подразбира дека конкуренцијата е отворена и во Наполи.

Милан

Милан е синоним за ветерани, а Абијати е еден од нив кој долги години го брани голот на тимот од Милано. Почна со легендарниот Себастиано Роси и преку пензионираните Дида и Калач, сè уште го брани голот на Милан.

Абијати годинава доби сериозна конкуренција во Агаѕи (има „само“ 31 година за Милан), кој дојде како слободен играч од Каљари. Никако не смее да се заборави ниту Бразилецот Габриел кој веќе истрча како прв голман на неколку пријателски средби летово. 

Лацио

Голманската смена во Лацио траеше цела година. Маркети се повреди па се опорави, но местото му го зеде албанскиот репрезентативен голман Етрит Бериша.

И двајцата се одлични голмани и долго време се во своите репрезентации, така што тренерот Пиоли ќе треба да почека со конечната одлука за прв голман.

Фиорентина

По системот топло-ладно бранеше Бразилецот Нето во Фиорентина. Бледа прва полусезона и нешто подобар втор дел во Серија А беше причината што Монтела се одлучи да донесе уште еден добар голман.

Изборот падна на Романецот Татарусану, кој дојде од Стеауa како слободен играч. Татарусану е репрезентативен голман и во Фиорентина доаѓа по наговор на сонародникот Богдан Лобонт, голманот на Рома.

Станува збор за двајца прилично различни голмани. Нето важи за голман кој ретко истрчува и боксува, додека Татарусану често знае да биде во улога на последен одбранбен играч.

Удинезе

Со експлозивните одбрани минатата година, голобрадиот Скуфе ја сврте фудбалската јавност кон себе. Роден 1996 година, со неполни 18 години Скуфе го потисна од голот Србинот Бркиќ кој дојде како наследник на Хандановиќ.

Како доказ за неговите квалитети стигна понудата од Атлетико Мадрид, но родителите на Скуфе не дале зелено светло за преселба во Мадрид. Во него лежи иднината на италијанскиот репрезентативен фудбал и многумина во него гледаат наследник на Буфон.