Билбао и Атлетико за шпанско финале во Лига Европа

Атлетик Билбао и Атлетико Мадрид ќе се сретнат во финалето на Лига Европа во Букурешт на 9. мај. Билбао на интересен натпревар го победи Спортинг со 3:1, а Атлетико Мадрид по втор пат славеше над Валенсија.

Атлетик Билбао успеа да ја надмине негативата од првиот натпревар во Лисабон каде Спортинг победи со 2:1. Со голот на Љоренте на две минути пред крајот, Билбао славеше со 3:1 и избори пласман во финалето на Лига Европа.

Бодреди од 55.000 гледачи на својот стадион, Баскијците поведоа во 17-та минута преку Сусаета по асистенцијата на Љоренте.

На една минута до крајот на првиот дел, холандскиот напаѓач Рики ван Волфвинкел израмни на 1:1, но веќе во следната минута Љоренте ја забележа и втората асистенција, а во листата на стрелци се запиша Ибаи за ново водство на Билбао и израмнување на резултатот од првиот натпревар.

Во второто полувреме и двете екипи продолжија со отворената игра, но не успеаваа да ја затресат противничката мрежа и кога сите помислија дека финалистот ќе биде решен по продолженија или пенали, на сцена повторно стапи сјајниот Љоренте. Ибаи Гомез овој пат беше асистент, а Љоренте само ја сврте топката која од стативата заврши во голот на Спортинг за конечни 3:1.

Ова ќе биде прво финале за Атлетик Билбао по пауза од 35 години. Во 1977-та година тие загубија во финалето од екипата на Јувентус.

Вториот учесник во шпанското финале кое на 9. мај ќе се одигра во Букурешт е екипата на Атлетико Мадрид кој по победата од 4:2 на својот стадион, повторно ја победи Валенсија, овој пат со минимални 0:1.

Домаќините ја имаа иницијативата во текот на целиот натпревар, но сите дилеми околу патникот во финалето ги реши Адриан Лопез со прекрасен гол во 60-та минута.

Атлетико Мадрид последните 11 минути ги одигра без Тиаго кој заработи црвен картон за удар на Солдадо, со што тој ќе го пропушти финалето.

Ова беше 11-та победа во серија за Атлетико Мадрид во Лига Европа, со што тие се израмнија со Барселона кои овој рекорд го поставија во сезоната 2002/2003.

26 април 2012 - 23:58