По 20 изминати кола во Серија А новата технологија за расчистување на спорни ситуации била употребена вкупно 84 пати. Од нив 58 судиски одлуки се точно донесени, а 26 се погрешни.
Тоа е 66% ефикасност, која очекувавме дека ќе биде поголема со оглед на тоа што судиите сега имаат непроценлива помош, а тоа е да си ја прегледаат одлуката во која не се сигурни и тоа во забавена снимка.
Но воведувањето на ВАР не само што не ги расчисти погрешните судиски одлуки, туку сега проблемот е и кога да се користи? Јувентус во неделата го совлада Каљари на гости со 0:1, но мечот заврши со две контроверзни ситуации за кои јавноста се прашува зошто судијата не се повика на ВАР?
Првата е моментот кога Бенатија го удира со лакт Паволети во лице, пред да падне голот, а втората е кога Бернандески во својот шеснаесетник игра со рака. Ниту една од овие две спорни ситуции судијата не ги санкционираше, а ниту побара да ги прегледа на забавена снимка.
Четири дена претходно Јувентус го елиминираше градскиот ривал Торино во Купот на Италија, а на еден од головите му претходеше чист фаул на Кедира кој го признааваат и навивачи на Јувентус.
Газета дело Спорт има 5 предлози со кои смета дека ќе се подобри ВАР:
ИГРА СО РАКА
Сите допири на топката со рака да бидат прегледани на видео снимката, со ислучок кога играчите си го штитат лицето или раката им е припиена за тело.
ЕЛИМИНИРАЊЕ НА СИГУРНА ГРЕШКА
Се разбира дека автономијата на судиите мора да се заштити и да се верува во одлуките, но секогаш кога има спорна ситуација на терен, да се расчисти со помош на ВАР. Така ќе има повеќе видео прегледи, но ќе се елиминираат ситуациите за кои потоа се дискутира дали се исправно досудени. И натаму тоа да се однесува на гол/не гол, пенал и црвен картон.
ТРАНСПАРЕНТНОСТ
Тоа што судијата го гледа на екран, истовремено да го гледаат гледачите и на стадион и на тв, за да знаат што се случува. Истото да важи и за тренерите и играчите како што објасни Ѕенга. Не е доволно ни тоа. Шефот на судиската организација барем еднаш месечно треба да ги објасни причините кои не го натерале судијата да се повика на ВАР и да направи осврт на грешките, кои секогаш ќе постојат.
ОФСАЈД
Во однос на спорните офсајд ситуации има напредок, но остануваат проблематични ситуациите кога се во прашање милиметри. Тоа е проблем и за новата технологија, се додека не се направат тродимензионални снимки.
ЛИМИТИРАЊЕ НА БРОЈОТ НА НАТПРЕВАРИ КОИ ИМ СЕ ДАВААТ НА СУДИИТЕ
Има еден факт што има врска со ВАР на индиректен начин и кој е витален за италијанските судии. Загрижува многу генерациската промена на судиите. Едно време најдобрите судии како Колина, Браски, Месина, Фарина, па се до Рицоли и Орсато требаше да покажат подобрувања од сезона во сезона, а сега на новите судии им даваат веднаш по 20 меча во сезна.
Најпрецизен судија во одлуките е Мариани, а најмногу грешки направил Довери кој имал 5 утки.