На 6 јануари Милан ја пречека Рома и 2022-ра ја отвори победнички со триумф од 3:1. Но имаше проблеми со голманската позиција.
Вториот голман Чиприан Татарушану не беше на располагање поради Ковид, а третата опција Алесандро Плицари им беше повреден.
Стефано Пиоли во таков случај морал да бара чаре за да има некој на клупа, во случај првотимецот Мајк Мењан да се повреди или да добие црвен.
Повикале дете, кое нема потпишано ниту професионален договор, а тоа е 17 годишниот Лапо Нава.
Малиот не добил прилика да влезе од игра, ама толку бил импресиониран од атмосферата на Сан Сиро, што веднаш закачил слики и видеа на Инстаграм од неговото загревање.
„Незаборавна ноќ полна со емоции и возбуда“, напишал Нава
Иако е сè уште дел од Милан У-18, италијанските медиуми го опишуваат дека веќе има предиспозиции на модерен голман.
Интересна слика кружи во медиумите и социјалните мрежи од него, а тоа како после мечот, облечен во опрема на Милан, си оди дома со трамвај.
Инаку и неговиот татко го носел дресот на Милан. Се работи за дефанзивецот Стефано Нава кој на почеток од 90-те има освоено 9 трофеи од кои две Скудета, како и Лига на шампиони. Потоа работел во Милан Примавера заедно со Пипо Инѕаги.