По бледата изборна кампања и слабите резултати со својата политичка партија Forza Italia, Берлускони решил да се врати онаму каде редеше успеси.
Како што соопшти новинарот на Sky, Пепе Ди Стефано, Берлускони и Галијани веќе се во завршна фаза на преговори со семејството Коломбо коешто е сопственик на третолигашот Монца (Серија Ц).
Овие гласини ги потврдил и поранешниот потпретседател на Милан Адриано Галијани.
„Иако ништо не е решено, Монца безусловно е нашата најромантична идеја по продажбата на Милан. Претседателот Берлускони живее на три километри од Монца, а јас сум роден и израснав во тој град. Таму и почнав да го учам занаетот за фудбалски директор“, изјавил Дон Адриано.
Целта на двајцата им е да ја издигнат Монца во кремот на италијанскиот фудбал а потоа и во еврокуповите. Првенството во Серија Ц се уште не е почнато затоа што Италијанската фудбалска федерација уште не направила распоред на пријавените екипи. Се очекува шампионатот да започне во текот на месец септември.