Бекот на Тотенхем кој на Сан Сиро стана напаѓачко откритие

Вечерашниот двобој во ЛШ меѓу Интер и Тотенхем, не врати на еден нивен дуел од пред 8 години, кој впрочем е и последен. Италијанскиот состав кој беше актуелен европски првак ги намачка на леб Англичаните за околу половина час игра, арно ама во второ видоа доста зорт.

Шампионскиот состав на Мурињо од 2010-та, следната сезона го презеде Бенитез со кој ја минаа групната фаза заедно со Тотенхем, во конкуренција на Вердер и Твенте кои мораше да се збогуваат од фазата по групи.

Во Лондон, Интер загуби 3:1, но две недели претходно на Сан Сиро имаше голеада со 7 погодоци на меч кој исто така го доби домашниот тим.

Пандев доби шанса во вториот дел откако веќе неговите колегија ја завршија работата и имаа 4:0 до 35-та минута. Стрелци беа Занети уште во втора минута, Станковиќ и два пати Ето.

И покрај резултатот од прво полувреме по кој беше нелогично да има неизвесност и вториот дел беше супер интересен за гледање. Се појави едно 21 годишно дете од Велс кој по лево се движеше како јапонски воз. Самуел и Занети џабе го бркаа.

Постигна хет-трик, доста задоцнет бидејќи вториот и третиот гол ги даде на крај, но тоа беше знак дека левиот бек на Тотенхем уствари треба да игра во напад, што потоа и се случи.

Вечерашната пресметка меѓу Интер и Тотенхем ќе биде вкупно петта на европските натпреварувања. И двете екипи имаат по две победи. Одиме со хет-трикот на Герет Бејл на нивното последно соочување.

Сите голови

18 септември 2018 - 13:21