Составот на Лино Червар одигра меч под нивото на гостувањето во Плзен и ниту еднаш не го пронајде вистинскиот ритам за да се наметне со својот квалитет и по мечот со Украина да врзе две победи на стартот на овие квалификации.
Само воведните 7 минути од средбата може да се сметаат за неизвесни на мечот по кои Чесите имаа водство од 4:3 откако во сите напади се играше гол за гол. Потоа следуваа катастрофални 10 минути за нашите ракометари кои се загубија и се соочија со серија од 6:0 за предност на Чешка од 10:3.
Водство кое како да им ги пресече нозете на македонските репрезентативци кои ниту еднаш не успееа да стигнат ниту до израмнување на средбата. Капитенот Лазаров кој беше најпрецизен во нашиот табор со 9 погодоци, во 23 минута постигна гол за -4 и тоа беше најтесната разлика меѓу двете репрезентации.
Селекцијата на Чешка на пауза замина со водство од 18:12, а во второто полувреме избраниците на Червар не успеаа ништо драстично да променат во поглед на играта и резултатот.
Домаќините имаа целосна контрола над мечот и на 3 минути до крајот стигнаа до највисоки +9. Конечниот резултат на средбата е 35:28 кој мора да биде поука за нашите ракометари дека треба многу да ја подобрат играта во одбрана.
Кире Лазаров го заврши мечот со 9 погодоци и му фалеа само два за да стигне до јубилејната 1000-ка во дресот на Македонија. Манасков постигна 8, а Талески и Нелоски запишаа по 4 погодоци.
Квалификацискиот циклус за ЕП 2018 продолжува на почетокот на мај следната година кога ќе бидеме домаќини на Исланд.